Пред полните трибини на стадион „Артур Еш“ Роџер Федерер ги заврши своите настапи на УС Опен во четвртфиналето откако изненадувачки загуби од Чехот Томаш Бердих со 7:6, 6:4, 3:6, 6:4.
Федерер одигра катастрофално за своите стандарди, посебно во првите два сета, но се чинеше дека сепак може да стигне до пресврт откако го освои третиот сет. Но, по кратката пауза Бердих се прибра, направи клучен брејк и отсервира за една од најголемите победи во кариерата.
Така, прв пат по осум едноподруго години, Роџер Федерер нема да игра барем полуфинале на УС Опен.
Енди Мареј, пак, по голема битка во четвртфиналето го совлада Марин Чилиќ со 3:6, 7:6, 6;2, 6:0, иако според резултатот можеби и не изгледа така. Но, Хрватот имаше голема можност да го повтори својот најдобар резултат во кариерата на еден Грен слем, со оглед на тоа што имаше 1:0 во сетови и 5:1 во вториот сет, но на крајот дозволи да биде поразен.
По претходните прекини на мечевите поради дожд, српските тенисери Новак Ѓоковиќ и Јанко Типсаревиќ се пласираа во четвртфиналето на турнирот откако славеа против Станислас Вавринка односно Филип Кохшрајбер.
Ѓоковиќ во четвртфиналето ќе игра со Хуан Мартин дел Потро кој, пак, по осминафиналната пресметка го испрати Енди Родик во пензија победувајќи го со 6:7, 7:6, 6:2, 6:4.
Американецот повлекувањето од тенисот го најави во текот на овој УС Опен, а во пензија заминува по 13 години, 612 победи и 213 порази, како и 32 освоени титули.
На женскиот турнир Ана Ивановиќ загуби од Серена Вилијамс со 2:0, по сетови 6:1, 6:3, по само 57 минути игра. Вилијамс во полуфиналето ќе се сретне со Сара Ерани.