Далечната 1944 година, четворица пријатели живееја во стан во окупираниот Париз. За соседите беа сликари. Тоа им служеше како изговор за мирисот на хемикалии кој се ширеше од нивниот стан. Во реалноста, се работеше за тајна лабораторија во која се фалсификуваа пасоши за Евреите и нивните деца. Еден од фалсификаторите, и самиот речиси беше дете – имаше 18 години и се викаше Адолфо Камински. Денес има 91 година и се движи со бастун. До својот 19-ти роденден им има помогнато на илјадници луѓе да избегаат од нацистите.
И тој самиот бил дел од бегалците. Роден е како руски Евреин во Аргентина, каде семејството побегнало од Русија и Франција, за потоа да се врати со аргентински пасош во Париз. Во 1943 се уапсени и сместени во логор, но аргентинскиот пасош ќе биде тој што ќе ги спаси од смрт, додуша привремено – ќе почнат да ги апсат и Евреите со аргентински пасоши. Тогаш ќе бидат приморани да се потпрат на лажни документи, набавени од Адолфо.
Адолфо пак, ќе се придружи на движењето на отпорот. Неговата група работи за најзагрозените – децата. Адолфо никогаш нема да побара пари, ниту пак ќе прифати пари како благодарност за своите услуги. Фалсификувал со толку многу жар и толку напорно, што ослепел на едното око. Се зборувало дека можел да фалсификува по 30 документи за еден час. Одбивал да спие – објаснувањето му било дека секој преспиен час некому може да му донесе смрт.
Адолфо не запира кога запира војната. Иако непланирано, тој продолжува да се бави со фалсификување документи, овој пат за луѓето погодени од другите конфликти во Алжир, Јужна Африка и Виетнам. Ќе се повлече дури во 1971-ва, убеден дека премногу луѓе знаат за неговата работа и дека му следи апсење. Оттогаш живее од курсеви по фотографија.