Факт е дека колегите од „Вреди“ со националните теми се обидуваат да го копираат ДУИ, вели лидерот на ЗНАМ

Околу прашањето какви механизми има ЗНАМ, доколку не се почитува она што сакаат да го воспостават како принцип, Димитриевски рече дека постојат можности темите да се дискутираат на седници на Влада, во парламентот, на координација, но ако нема корекција и другите опции се отворени

Владината коалиција функционира, но факт е дека има различни ставови по одредени прашања, особено ставови по oднос на националните прашања коишто доаѓаат од нашиот коалиционен партнер Влен (Вреди) со кој всушност ние и немаме реално потпишано коалиција, туку имаме потпишано договор за влада, т.е. поддршка на владината програма која ја имаме дадено сите заедно. 

Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител / Фото: Принтскрин

Ова, меѓу другото го кажа лидерот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, прашан за функционирањето на Владата во ситуација на јавни препукувања меѓу коалицијата „Вреди“ и министерот за јавна администрација од редовите на ЗНАМ, Горан Минчев околу „балансерот“. 

Говорејќи на темата во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, Димитриевски рече оти е факт дека нивниот коалициски партнер во Владата на оваа тема собира ефтини политички поени кај својот електорат и дека на тој начин се обидуваат да ја копираат ДУИ. 

„Факт е дека собираат ефтини политички поени на таа тема кај својот електорат мислејќи дека ќе излезат поголеми патриоти од оние коишто претходно беа, односно се враќаат на еден принцип на дуизација којшто за нас е минато или барем мислиме и сметаме дека е минато и како и да е секогаш ќе ги корегираме и ќе ги носиме нашите одлуки согласно моментумот“,

рече Димитриевски.  

Според него, времето на етнизација и на поделби по етнички клуч треба да биде минато и да дојде време на квалитетот, а „квантитетот кој доаѓа од политичките субјекти да биде сузбиен.  

„Ние имаме намера да работиме на деполитизација на системот, но дополнително, не да го толкуваме, туку да го спроведуваме законот. Нашиот министер за админстрација всушност го цитираше законот, кој е јасен дека се пресметува согласно процентот на населението коешто живее во Македонија и ние ќе го почитуваме и исто така ќе бараме почитување на законот за истакнување на обележјата или знамињата на етничките заедници. Во законот се е напишано и се е јасно, прашањето е дали го почитувате или не“,

кажа Димитриевски. 

Прашан дали ЗНАМ има некаков проблем со албанската етничка заедница, како што тоа сака да го претстави „Вреди“ во своите пораки, Димитриевски беше дециден дека тоа апсолутно не е така и дека тие во ЗНАМ имаат членови Албанци, како и членови од други етнички заедници. 

„Но, за жал факт е дека колегите се обидуваат да го копираат ДУИ, а ДУИ свесно им наметнува едно темпо во јавноста коешто го следат. Мислам дека тоа се погрешни политики. Мислам дека треба да се насочиме сите кон економијата. Граѓаните не не плаќаат за тоа, не плаќаат да обезбедиме поубави услови за живот во Македонија, да поставиме систем на владеење, власт и да се знае редот согласно законот и да го почитуваме сите“,

кажа Димитриевски. 

Дополнително, одговарајќи на прашање, тој рече дека досега немале официјална средба со некој од лидерите на партиите од коалицијата Вреди.  

„Па ние сме немале официјална лидерска средба. Јас лично не сум поборник на таквите лидерски средби затоа што сметам дека на истите, ако веќе е лидерска средба треба да присуствуваат сите, но верувам дека ќе имаме можност да ги разговараме и овие теми. Ова сето го доживувам како еден постизборен момент кадешто дополнително се обидуваат одредени партнери да набијат дополнителен рејтинг во јавноста, особено кај албанскиот електорат“,

изјави Димитриевски. 

Логото на коалицијата „Вреди“, која е дел од актуелното владејачко мнозинство

За тоа дали може на ваков начин да се функционира на долг рок, тој рече дека ако се почитуваат законите тоа е возможно, но во спротивно би било тешко, а околу прашањето какви механизми има ЗНАМ, доколку не се почитува она што сакаат да го воспостават како принцип, Димитриевски рече дека постојат можности темите да се дискутираат на седници на Влада, во парламентот, на координација, но ако нема корекција и другите опции се отворени.  

На дополнително директно прашање дали тоа значи излегување од владината коалиција, Димитриевски со одговор: 

„Тоа значи за принципиелни ставови и мислења давање на поддршка на сите проекти, но за непринципиелните секако нема поддршка. Ние влеговме во власта за да обезбедиме мнозинство и да не дојдеме во состојба Македонецот никогаш повеќе да се чувстува како граѓанин од втор ред во оваа држава, уценуван од страна на поедини моноетнички блокови коишто се формираа и се формираат сè уште во државата, да се обезбеди мнозинство и да се владее согласно законот. Доколку тоа не се почитува секако дека нема да бидеме дел од тоа“ 

Во врска со другата тема што ја постави „Вреди“ за формирање на „академија на Албанците за наука и уметност“, Димитриевски рече дека во Македонија има само една национална академија и дека е општо неприфатливо, ниту дозволено да се формираат било какви други академии освен оваа.  

Во рамките на Академијата имате членови коишто се еминетни дејци во сите општествени делувања и во сите науки коишто доаѓаат од сите етнички заедници, не само од македонската, туку и до српската и од влашката, и од турската и од албанската заедница, дури имаме и Албанец заменик претседател на МАНУ. И мислам општо неприфатливо, ниту пак е дозволено да се формираат било какви други академии во Македонија освен оваа. Секој може да поднесе иницијатива да формира невладино здружение ако најде начин како тоа да го финансира. Невладиното здружение е веќе нешто друго, друг тип и облик на уредување, но што се однесува до МАНУ треба многу да се внимава и на сите оние пораки коишто се испраќаат во јавноста од страна на некои членови на МАНУ коишто се обидуваат индиректно на ова тема да внесат еден наратив дека е потребна дополнителна катедра или отсек кој ќе го проучува само едниот јазик, едната култура. Во науката такво нешто не постои, науката им припаѓа на сите“,  

рече Димитриевски.

Ваквите теми, како што додаде, биле отворани и во 1997 и во 1998 година пред претставници на маѓународната заедница од тогашниот претседател на Демократската партија на Албанците (ДПА) сега покојниот Арбен Џафери, но одговорот бил дека за тоа прашање последниот збор треба да го има МАНУ.  

„Сите иницијативи се вредни за разгледување, но во Македонија може да постои, како што и во сите останати држави во регионот и пошироко постои по една национална академија на науки“,

додаде Димитриевски. 

- Реклама -