Њујорк, 4 мај 2022 (МИА) – Американскиот фармацевтски гигант Фајзер ги потврди проценките за годишните приходи од вакцината и таблетите против Ковид-19, првпат откако се пуштени во продажба.
Компанијата соопшти дека очекува 22 милијарди долари од продажбата на антивирусните апчиња Паксловид оваа година. Досега истакнаа дека оваа проценка се заснова само на мал дел од нивните производствени капацитети годинава.
Приходите од вакцината што ја изработија во соработка со германскиот БиоНТек треба да изнесуваат 32 милијарди долари, согласно сегашната прогноза.
Тие благо ја намалија прогнозата за овогодинешната приспособена добивка, од 6,35 до 6,55 – на 6,25 до 6,45 долари по акција, поради трошоците за аквизиции и клучните плаќања. Нивно вклучување во прогнозите од повеќе фармацевтски компании побарала Американската комисија за хартии од вредност.
Извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла, ја истакна зголемената побарувачка за Паксловид во САД во изминатиот период.