Ако гледавте Евровизија и навивавте за Тамара (за разлика од некои), веројатно и вам ви се потскрати животот за некој месец поради целата возбуда и неизвесност, особено во последните минути, кога се соопштуваа резултатите од телевотингот. На крајот, на многумина не им беше јасно што точно се случи и како победниците добија толку многу поени, но принципот е многу едноставен. И плус, ако истиот го имавме на ум, ќе знаевме дека Холандија е победник уште пред да ги прочитаат поените од телевотингот за Тамара, особено што заради вештачка неизвесност максимално се одложуваше моментот.
Српски „Blic“ ја објасни простата математика.
Поради начинот на соопштување на поените од телевотингот, многумина добија впечаток дека гласовите од публиката повеќе тежат од гласовите од жиријата. Но не е така. Вкупно гласаа 41 жири, од сите 41 земја учеснички. Секое од нив доделува по 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 10 и 12 поени, односно по вкупно 58 поени од секое жири. Што значи дека се доделуваат вкупно (41*58=) 2.378 поени од жиријата.
Без гласовите од телевотингот, табелата изгледаше вака:
Шведска 239 поени, Северна Македонија 237, Холандија 231, Италија 212, Азербејџан 197, Австралија 154, Чешка 150, Швајцарија 148, Русија 125, Малта 75, Данска 69, Кипар 69, Франција 67, Исланд 48, Норвешка 47, Грција 47, Словенија 46, Албанија 43, Србија 38, Естонија 38, Германија 32, Белорусија 18, Сан Марино 16, Велика Британија 13, Израел 12 и Шпанија 7 поени.
Ако ги соберете, ќе добиете, баш како што рековме, 2.378 поени.
ТЕЛЕВОТИНГОТ
Сега доаѓаме до делот наречен телевотинг, каде настанаа и најголемите забуни. Сепак, бодувањето оди на истиот принцип како и кај жиријата. Гласовите од публиката се собираат на ниво на секоја држава која учествува во гласањето, а потоа поените се доделуваат по истиот принцип: 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 10 и 12 поени. На пример, песната што добила најмногу гласови во С. Македонија, од С. Македонија ќе добие 12 поени. Втората најгласана ќе добие 10, третата 8 итн. Сите останати песни не добиваат поени, иако и за нив гласале одреден број гледачи. Значи, повторно се работи за истата сума поени: 41 земја * 58 поени = 2.378 поени.
Е сега, за да биде понеизвесно, гласовите од телевоутингот се соопштуваа почнувајќи од најслабо рангираните по гласовите од жирито. Затоа поените на Шведска, Северна Македонија и Холандија, како водечки три во првата рунда, беа прочитани последни. Притоа се соопштуваа вкупниот број поени добиени од телевотинг, а не од секоја земја гласач поединечно.
ЛАЖНАТА НЕИЗВЕСНОСТ
Моментот кога почна лажната неизвесност (и моментот кога можевте да заштедите нерви и понекој дијазепам) – што веројатно беше резултат на превид на организаторите или надеж дека публиката нема да забележи, што и се оправда – ако се следи математичката логика објаснета погоре, е моментот кога ѝ беа прочитани поените на Холандија.
Значи, како што рековме, треба да се соопштат вкупно 2.378 поени. Она што организаторите се надеваат дека публиката нема да го направи е да го претпостави овој број и потоа да ги собира поените паралелно додека се соопштуваат, бидејќи во тој случај секој со калкулатор во раката порано од другите ќе го знае победникот. Имено, пред да бидат соопштени поените на Холандија, Македонија и Шведска, претходните 23 натпреварувачи добија вкупно 1.966 поени од публиката. Што значи дека за Холандија, Македонија и Шведска преостанаа точно 412 поени (вкупниот број – соопштените).
Во тој момент, табелата изгледа вака:
• Италија 465 поени (212 од жиријата и 253 од телевотингот)
• Шведска 239 поени
• Северна Македонија 237 поени
• Холандија 231 поени
И тогаш на Холандија (на која ѝ се потребни 235 поени за прво место) ѝ ги соопштуваат гласовите од телевотингот – вкупно 261 поени. Со тоа Холандија ја поминува Италија и избива на прво место со 492 поени.
Драмата во салата и пред ТВ екраните, меѓутоа, продолжува: Тамара и Џон (Шведска) се надеваат дека ќе добијат доволно поени за да ја поминат Холандија. Данкан (Холандија) се моли да остане на првото место. Заедно со нив и милионите гледачи пред ТВ екраните кои навиваат за било која од овие три земји.
Меѓутоа, тие со дигитрон веќе знаат: На Тамара ѝ требаат 256 за пресврт. На Џон му требаат 254. Но за нив вкупно преостануваат само 151 поен. Водството на Холандија е недостижно.
Но, ѝ ги читаат поените на Тамара – на општо разочарување, само 58 од публиката. А лажната драма продолжува. Ќе добие ли Шведска доволно поени за да ја помине Холандија? Данкан кубе коси, Џон гризе нокти, околу 27 милиони Холанѓани и Швеѓани не дишат додека водителката одолговлекува да ги прочита поените. И на крајот конечно, соопштува – 93 поени. Толку ќе покажеше и дигитронот, ако го имавме.
Ќе го сменат ли организаторите принципот на соопштување на гласовите следната година во Амстердам или ќе играат на истата карта – наивна публика? Ќе дознаеме тогаш, додека чекаме подготвени за пресметки.