Мојата порака до Иран е јасна: не можете да продолжите со масовен одговор на ескалација. Ова мора да заврши. Ова би обезбедило можност за мирен развој на Блискиот Исток, порача Шолц
Опасната спирала на напади и одмазда создава ризик да предизвика ново продолжување на регионалниот конфликт, соопшти Европската Унија. Признавајќи го правото на Израел на самоодбрана, ЕУ ги повикува сите инволвирани страни да покажат најголема можна воздржаност со цел да се избегне ескалација надвор од контрола која не е во ничиј интерес.
Повици за воздржаност и деескалација на тензиите на Блискиот Исток испрати и германскиот канцелар Олаф Шолц, откако израелските одбранбени сили (ИДФ) синоќа извршија воздушни напади врз Иран.
„Мојата порака до Иран е јасна: не можете да продолжите со масовен одговор на ескалација. Ова мора да заврши. Ова би обезбедило можност за мирен развој на Блискиот Исток“,
напиша германскиот канцелар Олаф Шолц на социјалната мрежа Икс.
Порака за смирување на огнот на Блискиот Исток повторно испрати и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
„Генералниот секретар итно го повторува својот повик до сите страни да ги прекинат сите воени дејствија, вклучително и Газа и Либан, да ги направат сите можни напори за да се спречи сеопфатна регионална војна и да се вратат на патот на дипломатијата“,
порача портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик, во денешното соопштение.
Израелската војска денеска изврши напади врз воени цели во Иран, како одговор на нападите од Техеран што се случија на почетокот на месецот. Ова е првпат израелската војска отворено да го нападне Иран.