Во обид да го запре загадувањето на океаните, Европскиот парламент гласаше за целосна забрана на употребата на пластика за еднократна употреба ширум ЕУ.
Откако за забраната гласаа 571, а против – само 53 членови на европарламентот, пратеничката одговорна за овој закон – Фредерика Ријес, прогласи „победа за океаните, животната средина и следните генерации“. Ако мерката не е спроведена, како што рече еден од пратениците, „до 2050-та во океаните ќе има повеќе пластика отколку риби“.
Иако мерката ја чекаат уште пар пречки во процесот, оптимизмот е голем дека истите ќе бидат надминати и регулативата ќе стапи на сила ширум целата ЕУ веќе до 2021 година.
За забрана на еднократната пластика размислуваат уште неколку земји, меѓу кои и Велика Британија, која секако ќе мора да ја вметне мерката во своето законодавство ако истата стане полноважечка во ЕУ пред земјата да го комплетира напуштањето на унијата.
ШТО Е ЗАБРАНЕТО И ШТО Сé ПРЕДВИДУВА МЕРКАТА?
Фокус на директивата се најчестите пластични маси кои ги загадуваат океаните. Така, забраната се однесува на пластичниот прибор за јадење и пластичните чинии, памучни стапчиња за уши, цевки/сламки, стапчиња за мешање и држачи за балони. Со предлогот се бара редукција и на одредени видови пластика за еднократна употреба, како садови за храна и пијалоци, и пластични чаши.
Овие предмети не случајно се најдоа на листата на забранети, бидејќи за нив постојат лесно достапни алтернативи – на пример: хартиени сламки и картонски садови.
Што се однесува до другите производи од пластика „за кои не постои алтернатива“, со мерката се предвидува нивната употреба да биде намалена за 25% во секоја од ЕУ земјите веќе до 2025 година. Примери за такви производи се кутиите за бургери или омотите за сендвичи.
Пратениците на ЕП изработија и амандмани на плановите за филтери за цигари, и други пластични загадувачки материи кои се вообичаени на плажите. Производителите на цигари, конкретно, ќе мораат да ја намалат употребата на пластика за 50% до 2025 година, и 80% до 2030 година.
Уште една амбициозна цел е да се осигура дека до 2025 година, 90% од сите пластични шишиња ќе се собираат за рециклажа. Во моментов, пластичните шишиња и капачиња сочинуваат околу 20% од целата морска пластика, се наведува во извештајот на ЕП.
Исто така, производителите ќе мораат да преземат поголема одговорност за тоа што се случува со нивните пластични производи и амбалажи.