Европскиот парламент го укина поместувањето на часовникот, финалната одлука е на секоја од членките

Европарламентарците го изгласаа укинувањето на праксата на поместување на часовниците за еден час нанапред во пролет и потоа еден час наназад во есен. Од април 2021-та, секоја од членките ќе може да избере кој систем на сметање на времето сака да го користи.

Во суштина, изгласаниот предлог вели дека поместувањето на времето треба да престане во 2021-та, а е на земјите членки да се одлучат помеѓу зимското или летното сметање на времето и временските зони – можат да го задржат актуелниот систем на сметање на времето или да го укинат поместувањето на часовникот во два наврати во текот на годината.

Со новата легислатива, владите/земјите што ќе одберат константно летно сметање на времето, за последен пат часовниците ќе треба да ги поместат на последниот ден недела од месец март во 2021 година.

Владите/земјите што ќе изберат константно стандардно време (т.е. зимско сметање на времето), последен пат ќе треба стрелките да ги поместат на последниот ден недела во октомври 2021 година.

 

За укинување на поместувањето на часовниците, гласале 410 европратеници. Против гласале 192.

Праксата на поместување на часовниците првпат била воведена во Првата светска војна, како обид да се заштеди енергија со тоа што се одложувал мракот, т.е. се пролонгирала дневната светлина во текот на летните денови. Во денешно време, меѓутоа, „со сета нова технологија и различниот начин на живот, веќе не добиваме ништо посебно од летното сметање на времето, и ништо не заштедуваме“, рече европратеничката Марита Улвског на дебатата по ова прашање во Европскиот парламент.

Напротив, поновите научни студии велат дека поместувањето на времето прилично сериозно му наштетува на човечкото здравје. Поместувањето на времето ги прекинува биолошките циклуси, а тоа резултира со кардиоваскуларни болести и нарушувања на имуниот систем, притоа без никаков бенефит.

Укинувањето доаѓа откако на анкета во рамките на ЕУ, спроведена на околу 4.6 милиони луѓе, дури 84% одговориле во полза на испраќање на оваа бесполезна пракса во историјата.

- Реклама -