Според групата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, „се работи за честа, но и за безбедноста“ на Унијата, а европските влади што прават злоупотреби и „го продаваат државјанството на ЕУ“ истовремено го поткопуваат и нејзиниот кредибилитет.
Затоа пратеничката група побара Европската комисија да поведе истрага што ќе ги опфати сите земји во Унијата, а доколку се утврдат злоупотреби, да ги преземе „сите соодветни мерки“.
Во истрагата на бугарското обвинителство по обелоденувањето на скандалот, беше уапсен и претседателот на Државната агенција за Бугарите во странство – Петар Харалампиев, заедно со други 19 службеници. Во меѓувреме премиерот Бојко Борисов нареди ревизија на сите бугарски патни документи издадени на странци во последниве 5 години, а најави и затворање на Агенцијата. Во таков случај нејзините надлежности би се поделиле на неколку други државни институции.
Извор: Сител