Еволуционата моќ на срамот

30331-shame-guilt-woman-pointingfingers-sad.1200w.tn[1]

Од биолошки аспект, организмите на планетава имаат само една задача: да направат повеќе такви како нив пред да умрат. Сите основни типови на однесување произлегуваат од тој императив – наоѓање храна, бирање на партнери, наоѓање на начини како да не умреш денес…

Но, оттаму, нештата стануваат покомплицирани. Јасно е зошто читата е брза, на пример, или зошто  чувствуваме болка. А срам? Како една ваква моќна емоција, која навидум ни прави повеќе лошо отколку добро, всушност ни прави повеќе добро отколку лошо?

Интуитивно, срамот нема многу смисла. Предизвикува болка – чувство што обично е задолжено да нé спречи од оштетување на нашето физичко ткиво – а (срамот) често знае и да работи против нашите интереси. Срамот е емоцијата одговорна за лагите што ги кажуваме, за паранојата и депресијата што ги чувствуваме, а некогаш знае да води и до драматично, штетно однесување.

Истражувачите од универзитетот во Калифорнија – Санта Барбара, мислат дека го најдоа еволуциониот корен на човечкиот срам. Накратко, тој е неопходен за комплексното преживување во тесно поврзана заедница, кое ги донесе луѓето на врвот на пирамидата во животинскиот свет.

„Нашите човекови претци во африканските савани живееле во свет без национални устави, без полиција, супермаркети, здравствено осигурување или штедни книшки“, вели предводникот на студијата – др. Даниел Снајцер од одделот за Еволуциона психологија на Санта Барбара. „Од овие причини, сопствената репутација била многу поважна пред 100.000 години отколку што е денес“.

За тогаш да бидеш добро третиран, било потребно другите во заедницата доволно да те ценат за да те заштитуваат, за да делат храна со тебе, или за да ти помагаат да ги израснеш децата. Ако откриеле дека си болен, физички слаб, дека крадеш или дека се однесуваш надвор од сексуалниот мејнстрим, тие би те девалуирале и веќе не би те сметале доволно вреден за да ти помагаат.

Нашите претци имале добри причини да не крадат, а срамот настапува кога тоа ќе се случело. Снајцер вели: „А кога ќе сме украле, сме сакале да го спречиме ‘протекувањето’ на таквата негативна информација“. Според него, срамот е всушност алатка што им помага на луѓето да избегнат да бидат девалуирани. Затоа, заради срам, луѓето кријат нешта, уништуваат инкриминаторски докази или ја префрлаат вината на другите.

Истражувањето покажува и дека срамот функционира многу слично и меѓу различните култури. Преку 24 сценарија им биле поставени на 900 испитаници во Индија, Израел и САД, и сите во основа реагирале исто околу тоа колку помалку би го вреднувале фатениот негативец во сценариото, или колку срам би чувствувале ако тие се фатениот негативец. Ова е во спротивно со класичните антрополошки теории кои велат дека срамот на Истокот и на Западот се различни.

Срамот е тешка емоција и се чини неадекватен. Зошто нешто такво би имало функција? Според Снајцер, нештата што прават да се чувствуваме лошо исто така и нé штитат, како што е случајот со болката.

„Луѓето што не чувствуваат физичка болка често умираат млади бидејќи немаат механизам да им каже кога нивното ткиво е оштетено. Срамот е ист како физичката болка – нé штити од општествено обезвреднување“.

По таа логика, човекот без срам брзо завршува презиран од општеството. А кога општеството е без срам (како луѓето  што не чувствуваат болка)? Логичниот одговор е, исто така – умира младо.

- Реклама -