iPad Air 2 изгледа ќе биде уште еден успешен производ на Apple. Иако еуфоријата на неговата презентација синоќа не може да се спореди со онаа околу iPhone 6, тоа не го прави помалку достоен за нашето внимание.
Најтенкиот таблет во светот – со тоа започна презентацијата и тој факт всушност вреди да се напомене.
iPad Air 2 е со дебелина од само 6,1 милиметри, што е за 18% помалку од оригиналниот iPad Air. Освен тоа тој е и значително побрз (40% во однос на својот претходник) благодарение на новиот чип Apple A8X – верзија развиена специјално за iPad производите.
Најпосле дојде и најпосакуваната функција од корисниците – Touch ID, која ќе функционира како кај iPhone.
Најголемото изненадување е многу подобрената задна камера која го претвора таблетот во уред, со кој што можат да се прават импресивни слики и видео. Таа е 8 MP и дава можност за снимање на 43 MP панорамски слики, 1080p HD видео, slow-motion видео, како и time lapse. Специјално за љубителите на селфињата, подобрување добила и предната камера.
Резолуцијата на екранот е иста како и претходно, но iPad Air 2 може да се пофали со нов анти-рефлективен слој кој ги намалува рефлексиите со 56%, како и со побрз WiFi. Животот на батеријата е 10 часа. Обвистинити се и очекувањата дека има и „златна” опција – таблетот е достапен во три бои: сребрена, сива и златна.
16 GB верзија доаѓа со цена од 499 $, 64 GB (нема 32 GB) – 599 $ и 128 GB – 699 $.