Според анализата на Европската банка за обнова и развој (EBRD, ЕБОР), најмногу мигрираат висококвалификуваните кадри, а помалку мигрираат оние со просечни знаења и вештини. Сепак, како што истакнува претседателот на EBRD – Сума Чакрабарти, во разговор за „RTS“, покрај миграцијата на квалификуваните кадри, негативен ефект на растот може да има и заминувањето на нискоквалификуваната работна сила.
„Емиграцијата, посебно на младите обучени кадри, е сериозен проблем за Западниот Балкан. Миграцијата е мотивирана од разликите во приходите во споредба со земјите на Европа, која е главна дестинација во регионов. Но на миграцијата, исто така, влијае и незадоволството од домашните политички и економски прилики“, вели тој.
Според него, се проценува дека од регионов моментално во странство живеат речиси 6 милиони жители, што всушност е околу една-третина од вкупната популација на Западен Балкан.
Без оглед на тоа што овие луѓе праќаат значителни суми пари во својата матична земја, сепак нивните таленти ги користат други земји. Оттаму, „донациите“ немаат значителен ефект врз домашниот развој, а и дополнително „ја ограничуваат подготвеноста за работа на оние кои останале ‘дома’“, истакнува Чакрабарти.
Според него, решавањето на проблемот со миграцијата е многу сложен процес. Не е доволно, вели, само подигнување на нивото на приходи, што и самото по себе е тешко, туку потребно е и создавање на подобри услови за живот, како на локално, така и на национално ниво.
„Тоа подразбира подобро функционирање на јавните институции, односно тие да им служат на луѓето наместо да ги комплицираат нивните животи, да овозможат висококвалитетна здравствена заштита и образование, но потребен е и правосуден систем во кој судските процеси ќе бидат фер и нема да траат со години“, објаснува тој.
„Тоа, исто така, подразбира и пристап до висококвалитетно снабдување со вода, но и услуги за филтрирање на отпадни води, како и добар квалитет на воздухот. Тоа треба да биде приоритет за креаторите на економските политики, исто како што се приоритет и подобрите патишта или железници“, порачува тој.