Повеќето еукалиптови дрва растат со умерена големина, но во родната земја – Австралија, тие достигнуваат неверојатни размери.
Еукалиптусот е едно од највисоките дрва во светот и им соперничи со секвоите од Северна Америка. Еукалиптусот всушност не е еден вид – тоа е цел род кој опфаќа повеќе од 700 видови. Највисокиот меѓу нив е eucalyptus regnans, познат и како офика. Тој често расте над 85 метри и е највисокото цветно растение во светот.
Во моментов, највисокиот жив еукалиптус, член на видот regnans, е висок 99.6 метри. Го носи прекарот Центурион и расте во јужниот дел на Тасманија. За споредба, највисоката секвоја – ја викаат Хиперион, е висока 115.6 метри (скоро дупло од Кривата кула во Пиза) т.е. само 16 метри повисока.
Во не толку далечното минато, тасманиската офика растела и до височини поголеми од тие на денешните највисоки дрва. Во 1881 година, геодет измерил отсечено дрво во Викторија високо 114.3 метри – само 1 метар покусо од Хиперион. Во 1872 година, еден шумски инспектор открил паднато дрво со должина од 133 метри. Дрвото било настрадано во пожар, заради што шумарот проценил дека пред да падне на земјата, веројатно било високо околу 150 метри. Слични тврдења за исклучително високи дрва доаѓаат и од други извори. Фердинанд фон Милер соопштил дека измерил дрво со должина од 122 метри, а Дејвид Бојл во 1862 открил паднато дрво со височина од 119.5 метри. Постојат и други непотврдени податоци, за гигантски дрва високи и до 146 метри.
Да се открие еукалиптус со слични димензии денес е тешко да се случи, бидејќи повеќето дрва никогаш не добиваат шанса да го изживеат својот целосен животен циклус. Просечната должина на животот на тасманиската офика е околу 400 години. Се смета дека дрвото активно расте во првите 90 години, по што растот забавува. Во меѓувреме, дрвата или стануваат жртви на шумски пожари, или на габите, или се отсечени од човечка рака. Тасманиската офика е особено ценета заради дрвениот материјал што се добива од неа, па историски гледано, уште од почетокот на 1800 години, ја сечат во големи количества. Нормално, дрвосечачите секогаш се насочени кон највисоките дрва, зашто тие даваат најмногу дрвен материјал. Сепак, како резултат на тоа, денес во горите на Тасманија се издигнуваат многу малку гиганти меѓу дрвата.
За разлика од секвојата, офиката не е заштитен вид и многу малку дрва од тој вид потпаѓаат во зоните кои се прогласени за национални паркови. Повеќето се наоѓаат во реони контролирани од органите за управување со шумското стопанство на соодветните држави. Но, тоа е на пат да се промени. Во јуни 2013, Комитетот за светско наследство ги прошири границите на заштитенатата дива природа на Тасманија на над 170.000 хектари. Тоа значи дека многу од тие дрва ќе уживаат највисоко ниво на заштита, што ќе им дозволи, со малку среќа, да го изживеат целиот животен потенцијал. Ако условите работат во нивна (и наша) полза, во иднина можеме да очекуваме дури и да ги победат секвоите во битката на највисоките дрва во светот.