Брисел, 15 март 2022 (МИА) – Европската унија воведе санкции за сопственикот на англискиот фудбалски клуб Челзи, рускиот олигарх Роман Абрамович, како дел од новиот пакет казнени мерки против Русија.
ЕУ го додаде 55-годишниот Абрамович на ажурираната листа на поединци чии средства се замрзнати и забранети за патување поради нивната улога во руската инвазија на Украина.
Унијата објави дека Абрамович „има привилегиран пристап“ до рускиот претседател Владимир Путин и дека „одржува многу добри односи“ со него.
„Оваа врска со рускиот лидер му помогна да го задржи своето големо богатство“, соопшти ЕУ.
Владата на британскиот премиер Борис Џонсон минатата недела веќе воведе санкции за Абрамович во таа земја.