ЕУ со амбиција да остане глобален лидер во третманите со медицински радиоизотопи

Советот на ЕУ денеска усвои заклучоци за снабдување со медицински радиоизотопи, кои играат витална улога во дијагностицирањето на ракот, утврдување на срцеви состојби и други болести и се повеќе се користат за третмани на канцер, а со цел да се задржат автономијата и глобалното лидерство на Европа на ова поле.

Снабдувањето со медицински радиоизотопи е еден од приоритетите на белгиското претседателство со ЕУ, како одраз на посветеноста на Унијата и на земјите членки да им обезбедат на граѓаните високо ниво на здравствена заштита со нагласена улога на радиоизотопите за медицинската дијагностика и терапија и зголемена употреба на терапевтски радиофармацевтски производи.

– Транспортот на радиоизотопи низ ЕУ е од витално значење за да се обезбеди пристап за пациентите, имајќи предвид дека некои од нив мора да се користат во рок од неколку часа или денови по производството, како и фактот дека производството е главно концентрирано во само неколку членки државите. Со цел да се осигура дека лекарите можат да ги отстранат релевантните медицински изотопи кога и каде им се потребни, важно е сите вклучени да имаат јасно разбирање за идната побарувачка и понуда, се наведува во заклучоците.

Советот на ЕУ воедно ги повикува Европската комисија, Агенцијата за снабдување на Евроатом и земјите членки, како и индустријата на ова поле да продолжат со напорите за обезбедување на сигурно снабдување со изворни материјали за производство на радиоизотопи.

– Советот дополнително го нагласува важниот придонес на европските нуклеарни истражувачки реактори и други нуклеарни капацитети способни да произведуваат медицински радиоизотопи на ниво потребни за долгорочните потреби во Европската Унија, се потенцира во заклучоците.

Во врска со усвојувањето на заклучоците белгиската министерка за енергетика Тине Ван дер Стратен истакна дека секоја година околу 10 милиони процедури за дијагноза или третман на срцеви, невролошки и канцерогени заболувања во Европа се засноваат на радиоизотопи, што ја наметнува потребата од автономија во нуклеарната медицина како прашање на зачувување на човечки животи.

– Денеска ги одобривме заклучоците за да обезбедиме безбедно снабдување со радиоизотопи и пристап до нив низ ЕУ, истовремено одржувајќи ги истражувањата и иновациите за да се задоволи зголемената потреба за радиофармацевтски производи, истакна Ван дер Стратен..

Европскиот совет во 2019 година ја повика Еврокомисијата да развие акциски план за неенергетските нуклеарни и радиолошки технологии и медицински радиоизотопи. По ова, во 2021 година, ЕК ја усвои Стратешката агенда за медицински апликации за јонизирачко зрачење (САМИРА), како сеопфатен акциски план за поддршка на безбедно, висококвалитетно и доверливо користење на радиолошката и нуклеарната технологија во здравството, со цел да се дополнителен придонес на Европскиот план за победување на ракот.

- Реклама -