ЕУ нема чесен и фер пристап кон С Македонија, рекол хрватскиот претседател на средбата со Мицкоски

„Македонците досега исполнија бројни услови кои се бараа од нив за да ги забрзаат преговорите и влезот во ЕУ, но и покрај тоа сè уште се далеку од членство“, кажал Милановиќ на средбата со македонскиот премиер, соопштија од неговиот кабинет

Како и хрватскиот премиер претходно денеска и претседателот на земјата Зоран Милановиќ на средбата со македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој е во официјална посета на Загреб, рекол дека Европската Унија е неправедна кон Северна Македонија во однос на евроинтеграцискиот пат на државата. 

Од средбата на премиерот на С Македонија, Христијан Мицкоски со хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ / Фото: Веб-страница на Претседателот на Република Хрватска

Членството на С Македонија во Европската Унија, односно пречките кои сè уште стојат на патот на земјата кон полноправно членство во ЕУ, било една од главните теми на средбата меѓу Милановиќ и Мицкоски, се наведува во соопштението од кабинетот на хрватскиот претседател.  

„Македонците досега исполнија бројни услови кои се бараа од нив за да ги забрзаат преговорите и влезот во ЕУ, но и покрај тоа сè уште се далеку од членство. Сето ова покажува дека ЕУ нема чесен и фер пристап кон Северна Македонија“,

рекол Милановиќ. 

На средбата на која станало збор и за односите меѓу двете земји, кои, како што се согласиле, се традиционално добри и пријателски, Милановиќ му потврдил на Мицкоски дека Хрватска ќе продолжи со цврстата поддршка и залагање за влез на земјава во ЕУ.  

Претходно денеска, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер, идентична порака упати и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ кој, меѓу другото, рече дека во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и дека е созреано времето кога сето тоа треба да се респектира.  

Во таа насока, хрватскиот премиер рече дека неговата земја ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија. 

„Темата која го оптоварува европскиот пат на Северна Македонија по наше мислење е неправедна кон македонскиот народ, македонскиот идентитет. Мислам дека толку отстапки се направени од македонска страна што ретко кој народ, и држава, би прифатил да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската Унија“,

рече Пленковиќ, додавајќи дека треба заеднички да се работи на тоа преговорите за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ да започнат што поскоро.  

Премиерот Мицкоски на прес-конференцијата рече дека неправдата што ни е нанесена во изминатите две и пол децении е голема и дека имаме направено отстапки како никој друг тргнувајќи од привремената референца на името на државата, преку менувањето на знамето и банкнотите, до промената на името на државата со Преспанскиот договор.   

„Ние имаме многу внатрешни проблеми и тие ќе ги решаваме и тука не треба да има дилема, ќе работиме колку е потребно. Тоа што не зависи од нас е токму почетокот на преговори. Тоа, за жал, зависи и од други. Ние направивме доволно, сега треба некој да ни ја подотвори вратата за да можеме да влеземе во таа просторија за да почнеме да преговараме и да покажеме колку можеме“,

рече Мицкоски.  

Од средбата на Мицкоски со својот хрватски колега и домаќин, Андреј Пленковиќ / Фото: Сектор за односи со јавност на Владата на РСМ

Тој рече дека ние сè уште сме во еден вртлог во кој нема извесен крај, иако желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на Европската Унија е голема.  

Македонскиот премиер изрази убеденост дека вредностите кои пред многу децении Шуман, Аденауер и Де Гаспери ги имаат дефинирано како европски вредности, европските граѓани и политичари ќе ги споделуваат во иднина и дека „нема да бидеме жртви на билатерални спорови во нашиот пат кон целосна интеграција во рамките на Европската Унија“. 

- Реклама -