ЕУ и Украина потпишаа договор за заеднички безбедносни обврски

Во договорот се додава дека Европската Унија и нејзините земји членки, заедно со партнерите, ќе придонесат на долг рок за безбедносни обврски кон Украина, што ќе и помогне на земјата да се одбрани, да се спротивстави на напорите за дестабилизација и да ги одврати актите на агресија во иднина

ФОТО: EPA-EFE/POOL OLIVIER HOSLET / POOL

Европската Унија и Украина, денеска пред официјалниот почеток на Самитот на ЕУ во Брисел, потпишаа договор за заеднички безбедносни обврски.

„ЕУ и Украина споделуваат заеднички вредности, како демократијата, почитувањето на човековите права и основни слободи и владеење на правото, како и заеднички интереси за мир, безбедност, стабилност и просперитет“,

се наведува во договорот потпишан од претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен и шефот на украинската држава Володимир Зеленски. 

Во договорот се додава дека Европската Унија и нејзините земји членки, заедно со партнерите, ќе придонесат на долг рок за безбедносни обврски кон Украина, што ќе и помогне на земјата да се одбрани, да се спротивстави на напорите за дестабилизација и да ги одврати актите на агресија во иднина.

Во него, како што пренесува дописникот на МИА, двете страни потписнички ја повторуваат својата решителна осуда на руската агресија врз Украина, како очигледно кршење на Повелбата на ОН, а Европската Унија ја потврдува и својата непоколеблива поддршка на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници од 1991 година, нејзиното право на самоодбрана од руската агресија утврдена во член 51 од Повелбата на ОН и нејзиниот стремеж кон сеопфатен, праведен и одржлив мир. 

„Европската Унија повторува дека иднината на Украина и нејзините граѓани е во рамките на ЕУ и потсетува на историските одлуки на Европскиот совет за доделување статус на земја кандидат и за отворање на пристапните преговори со Украина. Европската Унија го поздравува значителниот напредок што го постигна Украина, дури и во услови на тековната војна на Русија против Украина“,

се додава во договорот. 

Во документот се потенцира дека ЕУ и нејзините земји членки се клучни придонесувачи за непосредната и долгорочна безбедност и отпорност на Украина.  

„Целокупната помош за Украина и нејзиниот народ од страна на Европската Унија и нејзините земји членки досега изнесува речиси 108 милијарди евра, вклучувајќи 39 милијарди евра воена поддршка, од кои 6,1 милијарди евра преку Европскиот мировен фонд (ЕПФ). Новоформираниот Фонд за помош на Украина во рамките на ЕПФ додава дополнителни пет милијарди евра за 2024 година за да обезбеди понатамошна воена помош и обука, а може да се предвидат дополнителни годишни зголемувања до 2027 година, врз основа на украинските потреби и политичките насоки од Советот“,

се навадува во документот. 

Натаму се потсетува дека ЕУ воспостави Украински механизам вреден 50 милијарди евра за да обезбеди предвидлива финансиска поддршка за Украина во периодот 2024-2027 година, од кои веќе се исплатени 7,9 милијарди евра и се согласи да ги искористи приходите од каматите на замрзнатите руски средства за поддршка на земјата.  

Во документот се нагласува и дека воената поддршка и безбедносните обврски ќе бидат обезбедени со целосно почитување на безбедносната и одбранбената политика на одредени земји од ЕУ и земајќи ги предвид безбедносните и одбранбените интереси на сите членки. 

Договорот, како што пренесува Ројтерс, ја изложува посветеноста на ЕУ да и помогне на Украина во девет области на безбедносната и одбранбената политика, вклучително и испорака на оружје, воена обука, соработка во одбранбената индустрија и деминирање, се вели во нацртот што го видел Ројтерс.

Од своја страна, пак, Украина се обврзува да продолжи со спроведување на реформите во рамки на напорите за нејзино членство во Европската Унија, како и во областа на безбедноста, разузнавањето и одбраната.  

Покрај ова, Украина презема обврска за зајакнување на транспарентноста и одговорноста во однос на користењето на добиената помош, како и да придонесе за безбедноста на Европската Унија и нејзините земји членки, вклучително и преку споделување на информации.

- Реклама -