Ерих Фром: Национализмот е облик на родосквернавење и лудило

erih

Човекот, ослободен од традиционалните окови на средовековната заедница исплашен од новата слобода што го претвора во изолиран атом, бега во ново идолопоклонство на крвното сродство и татковината, што се најочигледни изрази на национализмот и рацизмот.

Паралелно со прогресивниот развој, што претставува соединување на позитивниот аспект и патријахалниот и материјален дух, се развиваат негативни видови на двата принципи: обожување на државата помешано со идолопоклонство на расата или нацијата. Фашизам, нацизам и сталинизам се најдрастични манифестации на ова мешање на обожување на државата и племето, а двата принципи се отелотворени во личноста.

Но новите облици на тоталитаризмот во никој случај не се единствената манифестација на родоскрвната поврзаност на нашето доба. Колапсот на католичкиот наднационален свет на средниот век би одвел до поголем облик на католицизам, односно до човечки универзализам, што би го совладал обожувањето на племето, што понатаму би го следело развојот на намерите на духовниот лидер на хуманистичката мисла по ренесансата. Сепак, додека науката и технологијата создаваат услови за таков развој, западниот свет повторно западна во нова состојба на обожување на племето, односно ја прифати оријентацијата која се обидоа да ја искоренат пророците на Стариот завет и раното христијанство. Национализмот, што беше првобитно прогресивно движење, го заменија оковите на феудализмот и апсолутизмот.

Денес просечниот човек стекнува чувство на идентитет на основа на неговата припадност на нацијата, а не на основа на фактот дека самиот тој е „син на човек“. Неговата објективност, односно неговиот разум е изобличен со оваа поврзаност. Тој му суди на „туѓинецот“ според поинакви критериуми од оние со кои му суди на сопственото племе. Неговите чувства кон странецот се исто толку изобличени. На оние кои не му се блиски по крв и земја (народски кажано – по обичаи, храна, песни…) гледа со сомнеж и можат да се појават параноични делузии за нив по повод на најбезначајни причини. Оваа родоскрвна поврзаност не само што ги затрујува односите на индивидуата кон странецот, туку и кон членовите на неговото племе и кон самиот него. Личноста која не се ослободила од крвните врски и врските со земјата уште не е родена во човечко суштество; нејзиното чувство за љубов и разум е осакатено, таа не се доживува себе и не ги доживува своите блиски во нивната и сопствената човекова реалност.

Национализмот е наш облик на родоскрнавење, идолопоклонство, лудило. Патриотизмот е негов култ. Не е потребно да кажам дека под „патриотизам“ го разбирам оној став кој ја воздигнува сопствената нација над човештвото, над принципот на вистината и правдата, а не на интересирање со љубов за сопствената нација, кое произлегува од грижата како за духовните така и за материјалните добра на нацијата. Така како што љубовта кон една личност која ја исклучува љубовта кон другите, не е љубов, така и љубовта кон сопствената земја, која не е дел од љубовта кон човештвото, не е љубов, туку идолопоклонско обожување.

Идолопоклонскиот карактер на националното чувство може да се види во реакцијата на кршењето на симболите на племето, реакција која се разликува од онаа кога се кршат религиозни или морални симболи. Да замислиме човек кој го носи знамето на својата земја на улица во некој град во западниот свет и го гази пред очите на други луѓе. Би бил среќен ако не го линчуваат. Речиси секој би почувствувал гнев, што едвај дозволува објективно размислување. Човекот кој би осквернавел знаме би сторил нешто неизречиво, тој би извршил злочин што не е било каков злочин, туку злочин што не може да се прости. Не сосема толку драстична, но сепак квалитативно иста би била реакцијата кон човек што ќе рече: „Јас не ја сакам својата земја“, или, во случај на војна: „Не ме загрижува дали ќе победи мојата земја“. Човекот кој би кажал такво нешто е монструм и одметник, по сфаќањата на неговите најблиски.

За да го разбереме исклучителниот квалитет на ова чувство, можеме да ја споредиме реакцијата со онаа која се појавува кога некој ќе стане и ќе рече „Јас сум за да се убијат сите Црнци и Евреи, јас сум за војна и покорување на некоја нова територија“. Навистина, голем број луѓе би почувствувале дека вакво сфаќање е неетичко и нехумано. Но станува збор за тоа дека во ваков случај не би се појавило она чувство на неконтролирана и долабоко всадена индигнација и гнев. Такво сфаќање е само лошо, но не е богохулење, тоа не е напад врз нешто „свето“. Дури и кога човекот би говорел со омаловажување за Бог, едвај би го предизвикал истото чувство на индигнација што се јавува против злочинот што го претставува сквернавењето на симболите на една земја. На тој начин лесно е да се објасни реакцијата што се појавува кога се сквернави национален симбол, ако се каже дека човекот што не ја почитува својата земја изразува недостаток на човекова солидарност и социјално чувство; но зарем сево ова не се однесува и на човекот кој проповеда војна, или убивање на невини луѓе, или кој експлоатира други во своја полза? Нема сомнеж дека недостатокот на грижа за сопствената земја е недостаток на општествена одговорност и човекова солидарност, како што се и оние други претходно споменати постапки, но реакцијата на сквернавење на знамето фундаментално се разликува од реакцијата на негирањето на општествената одговорнот во својот втор облик. Еден предмет е „свет“, симбол на племенското обожување, другите не се тоа.

Затоа што големите европски револуции од  XVII и XVIII век не го претворија „слобода од“ во „слобода за“,  национализмот и обожувањето на државата станаа симболи за враќање на родоскврната поврзаност. Единствено кога човекот ќе успее да го развие својот разум во љубов повеќе отколку што направил досега, единствено кога ќе изради свет заснован на човекова солидарност и правда, единствено кога ќе почувствува дека е вклучен во доживување на сопственото братство, ќе се најде нов човеков облик на вкоренетост, ќе го промени овој свет во човеков дом.

- Реклама -