Некогашната НБА ѕвезда, Ентоан Вокер експресно, за само неколку години, потрошил 110 милиони долари и во моментов е присилен да поднесе барање за банкрот, и тоа на две години откако замина во кошаркарска пензија.
За да биде работата уште полоша, Вокер мораше да заигра во нисколигашките натпреварувања за да заработи и за гол живот. Лесно е да се претпостави која е причината за ваквиот пресврт: погрешни вложувања во недвижности, коцкарски долгови и неколку години живот на висока нога.
Приказната на Вокер е само една од неколкуте кои ќе се најдат во новиот документарец на ESPN за врвните професионални спортисти, некогаш милионери а кои доживеале финансиска пропаст.
„Секој сам го одредува својот животен стил. Јас едноставно трошев многу пари во текот на 12-годишната кариера“ вели Вокер.
Во моментов, Вокер должи 12,7 милиони долари, а од некогашното богаство во недвижности има само 4,3 милиони долари.
„Бев вклучен во многу проекти со банки во кои бев жирант на разно-разни кредити. И кога рецесијата се врати во 2007 и во 2008 година, банките агресивно тргнаа по парите. Во осум банки имав кредити кои одеднаш морав да ги вратам“ вели Вокер.
Поранешниот НБА ас во март оваа година мораше да го продаде и шампионскиот прстен кој во 2006 година го освои со Мајами Хит. Наводно, за прстенот добил 21.500 долари, а пред тоа ја продаде и вилата во Мајами за 2,3 милиони долари како и други недвижности во Чикаго во вредност од 1,4 милиони долари.
Една година пред банкротот Вокер беше приведен во Лас Вегас поради пуштање во промет чекови без покритие, затоа што во казино во тој град направил вкупен долг од околу еден милион долари. Но, откако се договори со обвинителството доби само условна казна.