Екстерно тестирање за политичари

Типчево, Гери Брукс, смета дека ако веќе студентите полагаат државен испит секоја година (во САД), фер е истото да важи и за политичарите. Па земал и направил стандардизиран тест за политичари и владини лидери.

Го нарекува W.I.A.K.A.R. , скратено од „Што уствари знам за реалноста“ (What I Actually Know About Reality). Предлага да го полагаат секоја година и резултатите да се објавуваат јавно. Смета дека тестот ќе даде добар увид во тоа што всушност политичарите знаат околу управувањето со важни аспекти на живеењето, да речеме – околу едукација.

Првиот сет прашања, вели Гери, се „за двојка“, колку за да положиш. На пример, на почетокот е приложена приказната „Марта слаткарката и типот што појма немаше од правење торти“. Политичарот треба да ја прочита и да одлучи (самостојно) кого од нив двајца да го консултира при носење на одлуки околу правењето торти – Марта професионалката, или Били – дечкото што не знае да прави торти.

Следниот сет прашања се малку посложени, и овој пат политичарот треба да одбере еден од неколку понудени одговори. На пример, едно од прашањата гласи:

„Кога се потребни пари за образовни цели, што е најдобро да направиш?

• Да ги продадеш сите инструменти на школскиот музички оркестар и да ги искористиш парите
• Да го скратиш фундирањето за предметите по уметност (зашто веќе нема потреба луѓето да ги знаат боите)
• Да им ги замрзнеш платите на професорите на 14 години;
или
• Ниту едно од горенаведените“

(Хинт од Гери за идните политичари: Не се првите три)

Гери се надева дека сите држави ќе го прифатат неговиот стандардизиран тест за политичари, и дека наскоро ќе ги видиме нивните резултати во весниците за да знаеме со кого си имаме работа. „Можам да предвидам колку поени ќе освојат, ама ај да го направиме тестов, без разлика“.

- Реклама -