Експретседателот на Кривичен – Владимир Панчевски, му ја здувна подалеку од притвор

Полицијата е во потрага по експретседателот на Кривичен суд – Владимир Панчевски, откако денеска, и по истекот на 24 часа од вчерашната наредба на велешкиот суд за негово приведување, не успеала да го пронајде во неговиот дом.

Вчера Основниот суд во Велес на Панчевски му одреди 30-дневен притвор со цел обезбедување на негово присуство на судењето, а поради тоа што ниту тој, ниту неговиот бранител, не се појавија на рочиштето за злоупотреба на службената положба во врска со системот за управување со судските предмети (АКМИС) во кривичниот суд. Судењето се одложува веќе повеќе од 9 месеци и сѐ уште не е почната главната расправа.

Од МВР велат дека го бараат Панчевски на повеќе локации:

„МВР постапува по судска наредба за приведување на лицето В.П. и во моментот кога ќе бидат создадени услови ќе биде лоциран истиот ќе биде приведен. Се трага на повеќе локации“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Обвинителниот предлог, од страна на скопското обвинителство, беше поднесен пред повеќе од една година. Панчевски се товари дека, како претседател на Кривичниот суд во Скопје, од 2013 до 2016 година, со писмен параф наредил четири предмети да бидат распределени кај одредени судии, 41 обвинение од Обвинителството гонење на организиран криминал и две од СЈО.

Како што пишуваат дел од медиумите, во јавноста кружат низа шпекулации за тоа каде се наоѓа Панчевски. Една од нив е дека веројатно успеал да ја напушти државата преку еден од дивите гранични премини, откако му било дојавено дека ќе биде притворен.

- Реклама -