Експлозија во зграда на руската служба за безбедност

Еден загинат и тројца повредени – е билансот од експлозијата која се случи во зградата на руската Федерална служба за безбедност во Архангелск, пренесува руската новинска агенција TASS.

Загинатиот настрадал од експлозивната направа која самиот ја внел во зградата. Направата била детонирана во моментот кога напаѓачот ја извадил од торбата, велат од рускиот Национален комитет за антитероризам (НАК), пренесува Радио Слободна Европа.

Гувернерот на Архангелск – Игор Орлов, вели дека се работи на откривање на идентитетот на жртвата и типот на експлозивната направа која била користена.

Орлов истакна и дека по нападот сите вработени во зградата биле евакуирани, а засилени се безбедносните мерки и во сите останати јавни простории.

 

Управата на ФСБ во Архангелск се наоѓа во близина на регионалниот драмски театар и голем трговски центар. Непосредно по експлозијата, руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека на терен се пожарникари и медицински екипи, а сообраќајот на улиците околу зградата на ФСБ беше ограничен.

- Реклама -