Ексминистерката за култура со службената картичка во Лондон купувала подароци, куфери, хулахопки и чорапи – тврди ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков рече дека почнуваат со обелоденување на скандалот „Бисера Антоанета“ (алузија на француската кралица од 18 век, Марија Антоанета) и дека низ серија прес-конфереции ќе презентираат во каков „раскош живеела и министерувала“ Костадиновска-Стојчевска

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со обвинувања кон пратеничката на СДСМ и ексминистерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која, како што велат од партијата, додека ја извршувала функцијата во Владата трошела пари од буџетот за лични потреби и луксузирања.  

Пратеникот во Собранието и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на денешната прес-конференција / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција рече дека почнуваат со обелоденување на скандалот „Бисера Антоанета“ (алузија на француската кралица од 18 век, Марија Антоанета) и дека низ серија прес-конфереции ќе презентираат во каков „раскош живеела и министерувала“ Костадиновска-Стојчевска.  

„На почеток сакаме да нотираме дека согласно Уредба е регулирано трошоците кои ги прави министерот за култура на месечно ниво да не можат да надминат 60 евра во денарска против вредност. И дека истите треба да направат раздолжување во благајничката каса во рок од 7 дена по завршувањето на службениот пат. Бисера Антоанета во неколку наврати го пречекорила дозволеното ограничување, а се раздолжувала и по неколку месеци“,

рече Лефков.  

Денеска, во, како што кажа, првиот случај што го презентираат, Лефков изнесе тврдења за трошоците што ексминистерката за култура ги направила за време на четиридневниот службен престој во главниот град на Велика Британија, Лондон. 

„Имено во октомври 2023 година министерката Бисера Антоанета остварила службено патување во Лондон во траење од  4 дена и тоа од 24.10.2023 до 27.10.2023 година, покрај трошоците направени за хотелско сместување, во патниот налог има приложено сметки за репрезентација, но при уводот на содржината на сметките за репрезентација и увидот во приложените сметки од службената картичка ВИЗА, се констатира ненаменско трошење на буџетски средства спротивно од прописите“,  

кажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Лефков, за четири дена во Лондон Костадиновска-Стојчевска потрошила 714 фунти од службената картичка или 51 169 денари.  

Пратеникот во детали наведе за што, во кои продавници и колку службени средства потрошила ексминистерката за купување од фудбалска топка, плишано мече Падингтон, куфери „Самсонајт, до чорапи, хулахопки и подароци од Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter. 

За дел од потрошените службени средства, конкретно за сума од 146 фунти, според Лефков, ексминистерката не доставила никаква сметка, туку само слипот од платежната картичка.

Актуелната пратеничка на СДСМ во Собранието и поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска / Фото: Архива

„Се на се, за лични приватни потреби Бисера Антоанета троши 714 фунти или пресметано во денарски парични средства 51.169 илјади денари, за 4 дена во Лондон, пари со кои во Македонија се храни цел месец едно четиричлено семејство. Бисера Антоанета се расфрлала со народните пари, за лични задоволства. Ова е само почеток, во наредните неколку дена ќе покажеме до каде одела раскалашеноста на Бисера Антоанета и зошто велиме дека Македонија е ограбена држава“,
 

рече Лефков.  

- Реклама -