Еко-активисти го отсекле врвот на елката пред Бранденбуршката порта во Берлин, јави ДПА. Членови на протестното движење „Последна генерација“ употребиле хидраулична дигалка за да го достигнат врвот на 15-метарската елка украсена со светилки и божиќни играчки. На врвот на дрвото истакнале парола „Ова е само врвот на елката“, по што истиот го отсекле.
„Досега го гледаме само врвот на длабоката климатска криза во Германија“, изјавила активистката Лили Гомез, истакнувајќи дека „додека цела Германија го поминува викендот купувајќи скапи подароци, други нации се прашуваат каде да се најде вода за пиење откако сушата и поплавите им ги уништија посевите“.
Според Гомез, „во Германија се наѕира климатска катастрофа, а федералната Влада не вложува напори“ да ги заштити луѓето.
Полицијата презела мерки против демонстрантите, но не даде повеќе детали.
Од почетокот на годината, движењето „Последна генерација“ блокираше улици во Берлин и други поголеми градови, барајќи радикална промена на владината политика за справување со климатските промени. Организираше и протестни акции во музеи, стадиони, министерства и на аеродроми.
Извор: МИА