Вашингтон, 5 април 2022 (МИА) – Европската комисија денеска предложи ембарго за увоз на руски јаглен, како дел од новата рунда санкции против Кремљ поради инвазијата на Украина, јави Њујорк тајмс.
„Ќе воведеме забрана за увоз на јаглен од Русија во вредност од 4 милијарди евра годишно. Ова ќе пресече уште еден важен извор на приходи за Русија“, изјави претседателката на ЕК – Урсула фон дер Лејен.
Мерката е уште еден значаен казнен чекор од ЕУ за Кремљ. Согласноста за истата беше предизвик затоа што ЕУ е презависна од руските енергенси.
Спорад податоците од Европското статистичко биро, во 2020 година од вкупната потрошовучка на јаглен во ЕУ, 19.3 отсто се количини увезени од Русија. Од вкупните потреби на нафта, пак, 36.5 отсто е увоз од таа земја, додека 41.1 отсто од употребата на гас исто така се задоволува со увоз од Русија.
Сепак, растечкиот број докази за воени злосторства извршени од руските сили во Украина, имаше притисок врз ЕК да предложи јагленот да биде додаден во петтиот пакет санкции против Москва.
„Овие злосторства не може да останат без одговор. Извршителите на овој грозен криминал нема да останат неказнети“, изјави Фон дер Лејен.
Весникот пишува дека на маса е и ембарго за увоз на руска нафта. Новите мерки ќе бидат разгледувани од евроамбасадорите утре, за потоа да биде донесена конечната одлука.
Новата рунда санкции вклучува и целосна забрана за работење со главните руски банки како ВТБ, забрана за пристап на руски пловила и пловила управувани од Руси во пристаништата на ЕУ, и таргетирана забрана за извоз во Русија вреден 10 милијарди долари на квантумски компјутери и полупроводници.