Телескопот Кеплер открил две планети кои делат заедничка орбита. Ова е првото откритие на ваква појава и податоците за овие две планети би можеле да ни помогнат да го разбереме настанокот на нашиот природен сателит.
Најновото откритие на Кеплер се наоѓа во систем кој е означен како KOI-730. Иако во системот има четири ѕвезди кои орбитираат околу една ѕвезда, две од нив имаат орбита која трае 9,8 дена. Ова значи дека една од овие две планети е секогаш околу 60 степени пред другата во однос на ѕвездата. Ова значи дека од површината на секоја од овие планети другата планета би била постојано видлива со константен интензитет.
Можното постоење на ваква врска не е нешто изненадувачко. Научниците веќе знаат дека растојанието од 60 степени е совршено за две тела да имаат синхронизирана орбита: поради ефектите на гравитацијата растојанието создава две од можните пет Лагранжови точки во кои е возможна ваквата синхронизација. Но до сега ваква врска била забележана само со ѕвезда, планета и помало тело, како астероид. На пример, на овој дијаграм се прикажани Сонцето, Земјата (сино-кафеав круг) и петте Лагранжови точки за Земјата. Но во реалноста на овие точки нема ништо освен прав.
Кеплер сега открил дека во KOI-730, едната планета ја има истата позиција како Земјата на дијаграмот, додека другата се наоѓа или во L4 или L5 (во зависност од тоа која планета се зема за почетна точка). Концептот на Лагранжови точки е наведен во една од теориите за настанокот на Месечината. Според таа теорија, во нашиот сончев систем постоела уште една планета наречена Теја, со слична големина како Марс, се наоѓала на 60 степени од Земјата и дека тие две имале синхронизирана орбита. Подоцна дошло до дестабилизација на орбитата на Теја по што таа се судрила со Земјата и дел од Земјата се отцепил по што со текот на времето настанала Месечината.
За жал астрономите нема да добијат шанса да видат сличен настан во KOI-730 бидејќи според нивните проценки планетите ќе имаат стабилни орбити уште минимум 2 милиони години. [Two new planets could explain Earth’s Moon]