Ефектот на кобрата – Кога решението го влошува проблемот

Случајно налетавме на информација дека Adidas ќе прави патики од рециклиран пластичен отпад од океаните, и нé фати малку страв. Можеби чудно ни работи мозокот, ама веднаш ни текна на ефектот на кобрата.

Под изразот ефект на кобрата не се подразбира ефектот од нејзиниот отров, на пример. Се мисли на нешто друго: На ситуации кога тоа што навидум изгледа како добро решение, всушност вродува со несакани и непредвидени последици и го влошува проблемот. На пример, терминот може да се искористи за да се истакнат одредени погрешни владини мерки во економијата и политиката.

Што имаат кобрите со целава работа?

Ефектот на кобрата потекнува од анегдота од времето на британското владеење во колонијална Индија. Британската власт била загрижена околу големиот број на отровни змии во Делхи, и за да го реши проблемот, понудила парична награда за секоја убиена кобра.

Во прво време, стратегијата била успешна и многу кобри биле убивани со цел да се добие наградата. Со тек на време, меѓутоа, досетливите Индијци почнале да одгледуваат кобри, за да можат да ги убиваат и да профитираат од владините парични награди. Кога властите конечно се свестиле што се случува, целосно ја укинала паричната награда. Одгледувачите на кобри, немајќи веќе мотив да ги чуваат, ги пуштиле змиите на слобода. Како резултат, популацијата на кобри сега била поголема отколку кога била воведена програмата. Со еден збор, решението за проблемот ја влоши ситуацијата уште повеќе.

Ефектот на стаорецот

Сличен инцидент имало и во Ханој, кога Виетнам бил под колонијална власт на Франција. Режимот вовел парична награда за секој убиен стаорец. За да ги добијат парите, луѓето требало да однесат отсечена опашка од стаорец како доказ.

Меѓутоа, набрзо официјалните лица почнале да забележуваат сé повеќе живи стаорци без опашки во Ханој. Станало јасно дека Виетнамците ги ловеле стаорците, им ги сечеле опашките, па потоа ги пуштале на слобода за да можат да се размножуваат. Повеќе стаорци значеле и повеќе опашки, и нормално – повеќе пари.

* * *

Историчарот Мајкл Ван тврди дека нема докази дека примерот со британска Индија навистина се случил. Но затоа, за инцидентот со стаорците во Виетнам има докази. Па, ако сте баш ситничар, слободно употребувајте го изразот ефект на стаорецот.

- Реклама -