Ефектот Данинг-Кругер: Кога идиотот мисли дека е најпаметен

iStock_000014355550_Medium-776x415[1]

Паметни сме, нели? Умни, фини, забавни и смешни. Ама нема ли да е ужасно, ако грешиме во таквите проценки?

Според психологијата, ние сме многу повеќе склони да се залажуваме себеси околу своите квалитети, отколку што воопшто можеме да си претставиме. Таа сама реченица е доволна да го објасни морето од иритирачки некомпетентни луѓе кои не само што секогаш имаат мислење по сите прашања, туку и го изложуваат со завидно ниво на самодоверба.

Ефектот на Дaнинг-Кругер е когнитивна склоност при која неквалификуваните лица страдаат од илузорна супериорност, поради што погрешно ги проценуваат своите способности многу над просекот. Ова се должи на метакогнитивната неспособност на некомпетентниот човек да ги препознава своите грешки.

Реалната писменост, знаење и компетентност, од своја страна, можат негативно да влијаат на самодовербата, бидејќи компетентните личности често погрешно претпоставуваат дека другите луѓе се носители на разбирање и знаење еднакво на нивното.

Научниците Дејвид Данинг и Џастин Кругер – од универзитетот „Корнел“, го сведуваат ова вака: „Погрешната проценка на некомпетентните произлегува од грешка во однос на самиот себе, додека погрешната проценка на високо компетентните произлегува од грешка во однос на другите”.

Во 1999 година во Њујорк, дуото прави експеримент со цел да утврди  дали луѓето кои не поседуваат квалитети и можности за дадено нешто се повеќе склони да покажат отсуство на трезност за овие свои лични дефицити.

Во почетокот на своето истражување, тие цитираат еден банкарски ограбувач по име Мекартур Вилер. Тој бил уапсен во 1995-та година, набргу откако ограбил две банки сред бел ден, без да носи маска или да користи каква било друга форма на прикривање.

Кога полицијата му ја покажала снимката од безбедносната камера, тој протестирал: „Ама јас се намачкав со сок!“. Кутриот, од некоја чудна причина,  верувал дека ако се намачкаш по лицето со сок од лимон, ќе станеш невидлив за безбедносните камери.

Авторите на студијата натерале неколку професионални комичари да оценат 30 шеги, според степенот на хумор. Истите шеги потоа биле дадени на проценка на 65 средношколци, по што нивната проценка била споредена со онаа на професионалците. Исто така, ги прашале колку добро мислат дека се справиле со задачата во споредба со останатите.

Како што е редот, повеќето испитаници сметале дека нивната способност да оценат што е смешно, а што не – не е поголема од просечната. Нормално, тестот немал за цел да мери кој има најдобра смисла за хумор, па резултатите биле најинтересни кога биле разгледувани според тоа колку добро се справиле учесниците:

  1. Оние чија проценка горе-долу се совпаѓала со таа на комичарите, биле супер сигурни во својата способност да оценуваат шеги. 2. Оние пак кои всушност направиле добра проценка и најслична на таа на комичарите, за себе сметале дека со задачата се справиле така-така. 3. Оние кои најлошо процениле што е забавно (барем според професионалните комичари), подеднакво биле лоши и во реалната проценка на своите способности, и мислеле дека на задачата поминале супер.

Научниците спровеле уште еден сличен експеримент, овој пат со логички задачи и граматика. За разлика од претходниот, овие дисциплини подразбирале точно определени одговори.

Сеедно, откриено е следново: оние учесници кои најлошо поминале на тестот, исто така биле и најнеадекватни во проценката на својот успех т.р. си ги прецениле своите можности, оценувајќи се над просекот. Тоа не се сменило ни кога им биле претставени реалните одговори, кои црно на бело покажувале каде се рангирани. Едноставно, овие испитаници не успевале да сфатат дека се на дното во групата, дури и кога добиле информации за резултатите на другите учесници во експериментот.

И така, авторите на студијата заклучуваат дека реалната самопроценка на луѓето е во директна корелација со нивната компетентност во дадената задача. И обратно – колку повеќе си некомпетентен и склон кон неуспех, поради недостиг на квалитети, толку повеќе не можеш да увидиш дека квалитети ти недостасуваат – што е резултат на немањето умствен капацитет за проценка на својата (не)способност.

dunning-kruger-chart[1]

Други истражувања покажуваат дека ефектот „не ме бива, а и немам појма дека не ме бива“ се пројавува и во реални животни ситуации, не само во лабораториските тестови:

На пример, ловџиите кои знаат најмалку за огнено оружје, имаат најнеадекватна проценка за своите реални знаење околу пукањето и оружјето. Докторите кои покажуваат најслаби вештини за време на консултациите со пациентите, имаат најмала тенденција да ја признаат својата неквалификуваност.

Ефектот Данинг-Кругер е мошне незгоден. Прво објаснува зошто постојат идиотите во секојдневното опкружување и изнудува задоволна насмевка, но веќе во следниот момент предупредува: „Еј, можеби ти си идиотот“.

- Реклама -