„Реко, што си ти?“, се прашува малото девојче на почетокот од прекрасната приказна раскажана во сликовницата „Што е река?“ на Моника Вајценавичене. Доколку сте и вие љубопитни да дознаете повеќе за моќните реки, тие извори на живот и фантазија кои се насекаде околу нас, можете да се приклучите на едукативната работилница на 6 јули во 11 часот во дворчето на кафе-книжарницата „Илика“ во заедничката потрагата по одговори. Поканети се сите љубопитни дечиња на возраст од 7 до 10 години да ни се придружат .
Едукативната работилница за деца „Што е река?“ инспирирана од истоимената сликовница на Моника Вајценавичене низ игра ги воведува децата во магичниот свет на реките кои се клучен дел од еко-системите. Преку интеракција со другите учесничиња, децата ќе имаат можност да се запознаат со интересни и важни факти од областа на географијата, на биологијата и на митологијата и да ја разберат поблиску значајноста на реките како извори на енергија и на имагинација и како двигатели на соживотот помеѓу човекот и природата. Која е најдолгата река на светот, а која најдлабоката? Кои животни живеат на брегот од реките, а кои во нив? Какви приказни се раскажувале во минатото за реките? Овие и уште многу други прашања ќе бидат одговорени низ разновидни активности, вклучувајќи и читања на делови од самата сликовница во текот на работилницата која ќе ја водат Андријана Папиќ Манчева и Катерина Шекутковска.
Учеството на работилницата е бесплатно. Поради ограничениот број на места, потребна е претходна пријава на следнава мејл-адреса: ilika.publishing.shop@gmail.com
Дизајн (по мотиви од сликовницата): Андреа Палацо