ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС АД не одбила договор за исплаќање на рати на заостанатиот долг КЈП „Водовод“ Кочани, демантираат од компанијата. Напротив, велат, ЕДС имала висок степен на разбирање и доставила предлог договор за исплата на долгот токму на рати и со релативно низок износ на месечен ануитет, а сѐ со цел да се излезе во пресрет на клиентот, се вели во реакцијата по повод тврдењата кои што се појавија во медиумите, а се во врска со договорот за снабдување со електрична енергија на КЈП „Водовод“ Кочани.
„ЕДС е компанија која што веќе 10 години работи на македонскиот пазар по највисоки професионални стандарди и има целосно разбирање за предизвиците со кои што се соочуваат сите деловни субјекти во енергетска и во финансиска смисла. Како општествено одговорна компанија, кога ќе дојдеме во ситуација некои од клиентите да се соочуваат со проблеми при подмирувањето на своите обврски, ние работиме со нив да најдеме начин како соработката да продолжи зависно од износот на долгот и можностите на клиентот, особено кога се работи за клиенти чија примарна дејност е давање услуги кон граѓаните и домаќинствата.
Оттаму сакаме да ја демантираме информацијата дека нашата компанија во овој случај одбила договор за исплаќање на заостанатиот долг за испорачана електрична енергија од страна КЈП „Водовод„ Кочани на рати. Напротив, нашата компанија демонстрираше флексибилност и висок степен на разбирање за состојбата и достави предлог договор за исплата на заостанатиот долг токму на рати и со релативно низок износ на месечен ануитет со цел да се излезе во пресрет на клиентот“, се вели во реакцијата.
Од ЕДС додаваат дека, како и секогаш, и во овој случај работат со нивните клиенти на наоѓање заеднички решенија кои нема да ги оптоварат клиентите во овие услови на криза, но истовремено ќе обезбедат редовно подмирување на долгот за електрична енергија. Со тоа, посочуваат, нема да се загрози испораката на електрична енергија и кон останатите нивни клиенти во балансната група, која што пак, потенцираат од компанијата, ЕДС ја плаќа авансно. Потврда за оваа нивна посветеност да се продолжи соработката, додаваат од компанијата, се и договорите за исплата на долгот на рати постигнати со други претпријатија.
ЕДС, воедно, апелира и на одговорно планирање на буџетите и рационално користење на енергијата.
„И во оваа прилика, чувствуваме должност уште еднаш да го повториме нашиот апел, особено до јавните претпријатија и општините, дека имајќи ги предвид актуелните состојби во енергетскиот сектор, од клучно значење е редовното и навремено подмирување на сметките за електрична енергија, разумното и одговорно планирање на буџетите за потрошувачка на електрична енергија од страна на надлежните сектори и секако рационално користење на енергијата“, се вели во реакцијата.