Од експлозијата, како што информираат од кумановската противпожарна служба, предизвикана е голема штета, а интервенирано било со едно противпожарно возило и шестмина пожарникари
Триесетгодишник од Куманово е повреден при експлозија на плинска боца што денеска околу 13:30 часот се случила на првиот кат од зграда под „Сума“ во центарот на градот.
Од кумановската полиција информираат дека било пријавено дека во стан на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово, сопственост на Ф.Д.(30) настанал пожар од експлозија на плинска боца, при што станот целосно е опожарен. Од пожарот со тешки телесни се здобил сопственикот кој бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување лекарска помош.
Директорката на кумановската болница Биљана Ивановска вели дека кај нив бил донесен пациент со повреди здобиени од експлозија на плинска боца, а поради сериозноста на повредите лицето било префрлено на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.
Командирот на смена од Територијалната противпожарна единица од Куманово, Чедомир Кипријановиќ вели дека од експлозијата предизвикана е голема штета, а избиени биле прозорците и вратите. Тој вели дека интервенирале со едно противпожарно возило и шестмина пожарникари, а екипи на ЕВН ја исклучиле струјата.
Од полицијата велат дека се уште се врши увид на местото.