Едно лице загина во протестите против изборните резултати во Венецуела

Во главниот град Каракас доцна синоќа голем број на граѓани излегоа на улиците опспорувајќи го изборниот резултат со кој венецуелскиот претседател Николас Мадуро доби нов, трет мандат

Спорните изборни резултати на претседателските избори во Венецуела кои беа проследени со бурни реакции и обвинувања за фалсификат од опозицијата, беа доволен повод за незадоволните граѓани да ги преплават улиците на главниот град. Демонстрантите кинеле постери за кампањата на Николас Мадуро и ги палеле, а дополнително уништени се неколку статуи на Уго Чавез, претходникот на Мадуро.

Фото: EPA-EFE

Венецуелските безбедносни сили употребиле солзавец и гумени куршуми кон разбеснетите демонстранти, а во еден таков случај во северозападната држава Јаракуј едно лице го загуби животот, додека пак 46 други се уапсени. Во Каракас пак, демонстрантите фрлале камења кон полицијата а во одредени области се слушале и пукотници.

Додека незадоволните граѓани протестираа, Мадуро присуствуваше на состанок на кој Националниот изборен совет на земјата го потврди неговиот реизбор со мандат до 2031 година. По обзнанувањето на реизборот, тој изјави дека меѓународните критики и сомнежите за резултатите се цел на обид за државен удар од „фашистичка“ природа. На овие обвинувања возврати опозициската лидерка Марија Корина Мачадо која соопшти прегледот на досегашните записи од гласањето јасно покажал дека следниот претседател ќе биде Едмундо Гонзалес Урутија, кој го зазеде нејзиното место на гласачкото ливче откако и беше забрането од судовите кои се поврзани со Мадуро.

„Записите покажаа „математички неповратно“ водство за Гонзалес Урутија, со 6,27 милиони гласови наспроти само 2,75 милиони за Мадуро“,

рече Мачадо.

Изборите се одржаа во услови на широко распространети стравувања од измама од страна на владата и кампања извалкана со обвинувања за политичко заплашување. Анкетите кои претходеа на изборите убедлива победа на опозицијата, за потоа ден по гласањето, во раните утрински часови во понеделникот, Изборната комисија да соопшти дека Мадуро освоил 51,2 отсто од гласовите наспроти 44,2 отсто за Гонзалес Урутија. 

Фото: EPA-EFE

Во текот на вчерашниот ден, опозициските лидери и странските набљудувачи ги повикаа властите во Венецуела да ги објават деталите за изборни резултати кои според сите предизборни истражување на јавното мислење се неверојатни. Националната изборна комисија на Венецуела објави дека претседателот Николас Мадуро освоил трет мандат со 51% од гласовите, но без да презентира официјални податоци.

Оправдувањето за отсуството на податоци тие го најдоа во Македонија. Државниот обвинител на Венецуела Тарек Саб информира дека од ај-пи адреси во Македонија е извршен кибер-напад врз електронскиот систем кој го забавил пребројувањето на гласовите на претседателските избори.

Истата информација ја сподели и актуелниот претседател Николас Мадуро кој изјави дека пребројувањето на гласовите и објавувањето на резултатите доцни поради сајбер напад, истакнувајќи дека тамошните власти знаат од каде е дојден бидејќи хакерите оставиле трага.

Изборната комисија на Венецуела по шест часа од изборите ги објави прелиминарните резултатите врз основа на обработени 80 отсто избирачки места. Според нив, актуелниот венецуелски претседател Николас Мадуро освоил 51,2 отсто од гласовите и победил на претседателските избори, со што обезбедил трет мандат, а неговиот противкандидат, опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија, има добиено 44,2 отсто од гласовите.

И покрај тврдењата дека се случил сајбер напад, Мадуро чија политичка номенклатура е веќе 25 години на власт, истакна дека изборниот систем на Венецуела е транспарентен, а неговата победа израз на „почит кон суверениот живот на Венецуела и волјата на народот“.

- Реклама -