Еднаш кога Марк Закерберг убил коза со „ласерски пиштол“, па ја послужил за вечера

Првиот човек на Фејсбук – Марк Закерберг, убил една од неговите кози и потоа ја послужил за вечера на гостите, тврди коосновачот на Твитер – Џек Дорси, во интервју за Rolling Stone.

Според Дорси, Закерберг ја убил козата користејќи ласерски пиштол, а потоа нож. Потоа ја зготвил. Дорси вели: „Имаше година кога (Марк) јадеше само тоа што сам ќе убиеше. Ми зготви коза за вечера. Тој ја уби козата“.

Прашан дали Закерберг ја заклал козата пред негови очи, Дорси одговара одречно. „Не. Ја убил пред тоа. Претпоставувам тој ја убил. Ја убил со ласерски пиштол и потоа со нож. Потоа ја праќаат кај касапот“.

Прашан да образложи на каков „ласерски пиштол“ мисли, Дорси објасни: „Не знам. Електричен зашеметувачки пиштол (анг. stun gun, taser). Ја зашеметуваат, па потоа ја касапи со нож. Потоа ја праќаат кај месарот. Очигледно во Пало Алто (град кој е дел од Силициумската долина) има регулатива која дозволува да чувате до шест домашни животни на секој имот, па Марк имаше шест кози во тоа време. Јас го прашав: Ја јадеме козата што ја уби? Тој рече: Да. Го прашав: Си јадел коза порано? Тој е као: Да, обожавам… Јас реков: Каде е козата? Во рерна – ми одговори“, раскажува Дорси.

„Потоа чекавме околу 30 минути. Марк рече дека мисли дека е готова. Отидовме во трпезаријата. Го стави месото на маса. Беше студено. Тоа беше момент за паметење. Не знам дали го врати месото во рерната. Јас ја изедов само салатата“, раскажува Дорси, додавајќи дека не ја гледа поентата на Фејсбук.

По интервјуто, Закерберг беше жестоко критикуван од корисниците на друштвените мрежи поради неговата „суровост“. Други ја свртеа на шега, па начинот на кој Закерберг ја убил козата го сфатија како уште еден доказ дека е робот.

Од друга страна, тој во 2011-та година си постави личен предизвик да конзумира само месо од животни што сам ќе ги убие.

Во поново време, водени од ова правило, сé повеќе луѓе почнуваат да одат во лов. Но и сé повеќе ги заменуваат пушките со лак и стрела, бидејќи првиве ги сметаат за нефер предност и непочитување кон животните. Плус, ловат во дивина, а не во својот двор. Така што, не сме сигурни колку „ласерскиот пиштол“ на Закерберг се совпаѓа со тоа негово правило.

Како и да е, во тоа време Закерберг изјави дека многу научил за одржливото земјоделство и одгледувањето на животни. „Лесно е храната што ја јадеме да ја земеме здраво за готово кога имаме можност да јадеме добра храна секој ден“, објасни тогаш за Fortune.

- Реклама -