А кој друг, ако не Оскар Шиндлер?
Германски индустријалист, шпиун и член на нацистичката партија, на кого му се припишува спасувањето на 1.200 Евреи за време на Холокаустот. Ги чувал подалеку од рацете на нацистите, иако и самиот бил член на партијата, така што ги „вработувал“ во фабриките за енамел и муниција во окупирана Полска и Бохемија и Моравија.
Тој е инспирацијата зад новелата „Шиндлеровата арка“ од 1982 година, а се разбира, последователно и за големиот „Шиндлеровата листа“ на Стивен Спилберг од 1993 година. Како што е и претставен во филмот и книгата, Оскар Шиндлер почнал како опортунист (читај: воен профитер) мотивиран од парите, но набрзо ќе се претвори во храбар, упорен и посветен спасител на своите еврејски работници.
За неговиот удел за време на војната веќе треба на сите да им е познато, па нема да се повторуваме.
По војната живее прилично мизерно. Како член на нацистичката партија, првично му се заканува судење за воен криминал. Благодарение на изјавата потпишана и нему врачена од еврејските заедници, Шиндлер добива гаранција на својата слобода, имајќи доказ кој може да им го приложи на Американците за својата улога во Холокаустот. Добива и прстен направен од златото од денталните протези на еден од неговите спасеници. На прстенот пишува „Тој што спасил еден живот, го спасил целиот свет“.
Потоа Шиндлер се сели во Западна Германија, каде ќе дојде до степен да биде издржуван од еврејските хуманитарни организации. Откако ќе добие делумно враќање на парите за неговите трошоци за време на војната – тој самиот проценува дека потрошил над милион долари, а му исплаќаат $15.000 (по негово барање, за волја на вистината), се сели со сопругата во Аргентина и почнува да се бави со земјоделство. Кога и тој бизнис му банкротира во 1958 година, се враќа во Германија и пробува уште неколку други бизниси – сите неуспешни. До крајот на животот се ослонува на финансиска издршка од здружението Schindlerjuden (Шиндлер Евреи) – составено од луѓето чии животи ги спасил за време на војната…
Во 1963-та го добива признанието Righteous Among the Nations кое израелската влада го доделува на луѓето од нееврејско потекло кои активно учествувале во помагање на Евреите за време на Холокаустот.
Починува на 9-ти октомври 1974 година во Хилдесхајм, и е погребан на планината Сион во Ерусалим. Со тоа Шиндлер станува единствениот член на нацистичката партија кој добил ваква чест.
Прочитајте и: Јапонскиот Шиндлер