Јапонската „Токио Електрик“ (aka. „Tepco“) ќе биде принудена да ја ослободи радиоактивната вода од уништената нуклеарна централа Фукушима во Пацификот, соопшти јапонскиот министер за животна средина, шокирајќи го светот. Причината за ваквиот потег е што на Tepco, односно Јапонија, ѝ снемува простор за складирање на радиоактивната вода.
Tepco досега има собрано повеќе од 1 милион тони контаминирана вода од цевките за ладење чија улога беше да го спречат топењето на јадрата по земјотресот и цунамито во 2011-та, што ја оштетија Фукушима.
„Единствената опција ќе биде водата да се испушти во океанот и да биде разредена“, рече министерот Јошиаки Харада на прес-конференција во Токио. „Целата влада ќе расправа по ова прашање, но јас би сакал да го понудам мојот едноставен став“.
Јапонската влада го чека извештајот од експертскиот панел, пред да ја донесе конечната одлука за тоа како ќе се ослободи од радиоактивната вода. Tepco ја нема слободата сама да одлучува, па ќе мора да ја спроведе одлуката на владата, но фактите се тие: до 2022 година компанијата ќе нема веќе простор каде да ја складира водата. Засега нема информација за тоа дали целата количина, односно колку контаминирана вода ќе треба да биде ослободена во океанот.
Ситуацијата може да ги затегне односите со Јужна Кореја, која минатиот месец повика дипломат од Јапонија за да објасни како ќе се реши проблемот со контаминираната вода. Доколку се донесе одлуката да се прифати предлогот на Харада, тоа сигурно ќе наиде и на големо негодување кај рибарите.
Инаку, крајбрежните нуклеарни централи често ослободуваат во океаните вода контаминирана со тритиум, бидејќи се смета за изотоп на водородот кој тешко се разложува и поради тоа не се врзува лесно со другите елементи во водата во океанот, поради што се смета за релативно безопасен. Контаминираната вода во Фукушима, меѓутоа, сѐ уште содржи и други контаминанти освен тритиум, признаа од Tepco уште лани.
„Владата мора да се придржува до единствената прифатлива опција за животната средина во менаџирањето на оваа криза – а тоа е долготрајно складирање на контамираната вода и продолжување со напорите да се отстрани радиоактивноста, вклучително и тритиумот“, вели Шон Бурни, нуклеарен специјалист од редовите на германскиот огранок на Гринпис.