Во врска со вчерашната сообраќајна несреќа во Италија, Министерството за надворешни работи (МНР) преку Амбасадата во Рим доби информации дека по соодветна лекарска помош за добиените лесни повреди во болница во градот Сан Бенедето дел Тронто 11 патници, државјани на Северна Македонија во текот на вчерашниот ден беа пуштени дома во добра здравствена состојба.
Како што соопшти МНР, 12-от патник, наш државјанин се наоѓа во болница во Анкона, каде што во текот на денов ќе има хируршка интервенција за добиените повреди во нога и рака.
-Министерството преку Амбасадата во Рим останува во континуирана комуникација со надлежните италијански институции, кои работат на целосно расчистување на случајот, стои во соопштението на МНР.
На автопатот меѓу градовите Асколи Пичено и Анкона во Италија вчера се случи сообраќајна незгода во која учествувал автобус на туристичка агенција од Северна Македонија, при што на лице место починал возачот на автобусот, Р. И. (1965 година) државјанин на Северна Македонија, додека полесно повредени се 12 патници, исто така наши државјани.
МНР преку Амбасадата во Рим останува во континуирана комуникација со надлежните италијански институции, кои работат на целосно расчистување на случајот.