ДЗР: Недоволни и неефикасни се мерките на надлежните органи за подобрување на студентскиот стандард

Заклучоците во извештајот, кој се однесува на периодот 2019-2022 година, нотираат низа недоследности во спроведување на мерките. Главните забелешки се однесуваат на лошиот стандард на студентите, намалените сместувачки капацитети во студентските домови и слабости во системот при доделувањето на стипендиите

Недоволно ефикасни и економични за остварување одржливо ниво на финансиска самостојност, соодветно сместување и исхрана, како и реализирање на проектите за реконструкција и проширување на сместувачките капацитети. Вака Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот извештај од извршената ревизија ги оценува мерките и активностите на државните органи надлежни за функционирањето и подобрувањето на студентскиот стандард.

Државниот студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје / Фото: Архива

„Ефикасност на мерките, политиките и проектите за исполнување на условите во кои функционираат студентските домови во Република Северна Македонија и развој на студентскиот  стандард“ е темата на ревизијата преку која ДЗР ги нотира одговорите на прашањето „Дали надлежните институции во земјава преземаат мерки и активности за континуирано подобрување на студентскиот стандард?“.

Заклучоците во извештајот, кој се однесува на периодот 2019-2022 година, нотираат низа недоследности во спроведување на мерките. Главните забелешки се однесуваат на лошиот стандард на студентите, намалените сместувачки капацитети во студентските домови и слабости во системот при доделувањето на стипендиите.

Така, ревизорите констатирале дека нема воспоставен регистар на студентски домови. Верификацијата што треба да ја направи Министерството за образование и наука пред започнувањето со работа на студентските домови до денот на извршувањето на ревизијата не била направена за сите државни студентски домови.

Ова, како што се наведува во соопштението на ДЗР во врска со извештајот, неповолно влијае врз спроведувањето на постапките за сместување на студентите и на реалноста на прикажаниот капацитет на студентските домови.

Нема стратегиски документ за студентски стандард

Според ДЗР, не е изработен ниту посебен стратегиски документ за студентскиот стандард со мерки и активности за развој и подобрување на условите за живот и студирање во земјата.

Во ревизорскиот извештај е наведено дека вкупните средства што се реализирани согласно програмата за финансирање, реализацијата и развој на дејноста студентски стандард за 2022  година се во износ од 1 397 455 илјади денари (околу 22,6 милиони евра) од кои 50 отсто односно 701 482 денари се за студентски оброк, 30 отсто или 424 210 за студентски стипендии, 17 отсто или 232 164 за расходи за сместување и исхрана во студентските домови и три проценти или 39 599 за други расходи.

Извор: Државне завод за ревизија

Во однос на субвенционираниот студентски оброк, државниот ревизор нотира дека воспоставениот систем за реализација на оваа мерка не може да потврди дека овие средства се користат исклучиво за намената за која се определени.  

„Воспоставениот начин на субвенционирање на студентскиот оброк од страна на МОН преку исплата на трансакциските сметки на студентите не овозможува да се потврди дека исплатените средства за 2022 година во износ од 701 482 илјади денари (околу 11,37 милиони евра) или 50,2 отсто во вкупните средства за студентскиот стандард се користат исклучиво за намената која е определена со Законот за субвенциониран студентски оброк, при што во текот на 2023 година направени се измени во Законот за студентски оброк во обид да се намали можноста од вакво постапување на корисниците на средствата“,

наведуваат од ДЗР.

Државниот ревизор во извештајот нотира и значително намалување сместувачките капацитети кај сите државни студентски домови (ДСД) во периодот 2019-2022 година. Така, од 5 815 пополнети легла во 2019, за три години, односно во 2022 година, оваа бројка е намалена и изнесува 4 490 легла. Станува збор за пополнетост од 77,28 проценти, но и, како што се наведуваат од ДЗР, отстапување во бројот на сместени студенти во однос на бројките предвидени со конкурсот.

Извештајот посочува и дека најголем дела од објектите што ги користат државните студентски домови се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живеење; имаат неизедначени услови, а извештајот нотира и незадоволство на студентите од исхраната, сместувањето и функционирањето на домовите.

Од страна на ангажираниот независен експерт извршена е анализа на соодветноста на утврдената цена за сместување која е основен извор на приходи на ДСД и е утврдено дека таа не е променета од 2008 година и изнесува 6 820 денари месечно за 10 месеци во годината. Во оваа цена Министерството за образование и наука партиципира со 50 отсто од сумата, а остатокот го плаќаат студентите.

Оваа цена, како што наведува ДЗР не обезбедува задоволително ниво на финансиска одржливост на домовите, што ја наложува потребата економската цена за сместување и исхрана на студентите да биде определена на реална основа.

Учеството на средствата од Програмата за студентски стандард наменети за функционирање на студентските домови / Извор: ДЗР

Колку се задоволни студентите од условите во студентските домови

Ревизијата во соработка со ангажиран независен експерт спровела и анкета на задоволството на студентите од условите во студентските домови. Со оценки од 1 до 5 на поставените прашања одговориле 286 студенти, односно околу 8,25 отсто од вкупниот број.

Најниска просечна оценка (1.67) е дадена за техничката опрема (печатач, фотокопир, компјутер, ТВ) и за стабилноста и брзината на интернетот (1.81). Квалитетот на исхраната е оценет со 2.64, хигиената сосе достапноста на топла вода (2.41), условите/атмосферата за учење (2.53).  Со просечна оценка меѓу 2 и 3 студентите ги оцениле условите за спорт и рекреација, културно-забавните активности во студентскиот дом, загревањето и ладењето на просторот, безбедноста на објектот и опременоста и физичките услови на собите во кои се сместени. Над 3 просечна оценка студентите дале за состојбата и функционалноста на мебелот (3.33) и за заедничките простории – менза, читална/библиотека, дворна површина (3.07).

Врз основа на податоци добиени од државните студентски домови, извршена е и анализа на количината на основни прехранбени продукти кои се најзастапени во исхраната на студентите во поединечни студентски домови.

Извор: Државен завод за ревизија

Во делот на инвестициите ревизорите нагласуваат дека проектот за енергетска ефикасност со кој се планира темелна реконструкција на сите државни студентски домови во земјата е започнат од МОН. За овој проект е обезбеден кредит и грант во вкупен износ од 24 785 067 евра, меѓутоа постои неизвесност во врска со доволноста на обезбедените средства за целосно реализирање на овој проект согласно планираното, а активностите за реконструкција на домовите сè уште не се почнати.

За изградениот студентски дом во Тетово, со капацитет од 300 легла, нотирано е дека сè уште не е изготвен записник за технички прием и не е целосно завршена постапката за пуштање на овој објект во употреба согласно законските прописи.

Стипендираните студенти не се враќаат во земјата

Во врска со стипендирањето на студентите, во извештајот се посочува дека се воспоставени неколку мерки кои се соодветни, но не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми, а поради аплицирање кај повеќе од една група стипендии, обемната документација и недоследностите при утврдување на исполнетоста на условите, дел од стипендиите не се доделени. Дополнително, ревизорите утврдиле дека е воспоставен начин на стипендирање за студирање во странство со кој не се обезбедува ефикасна искористеност на исплатените средства и придобивки за државата.

За мерките за студентско стипендирање, ревизорите процениле дека се соодветни, но не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми. За дел од студиските програми е предвиден износ на стипендија кој е трипати повисок од редовниот износ утврден во висина од 6 050 денари, за кој постои можност за подобрување преку реструктурирање на останатите расходи од Програмата.

„Со мерките за стипендирање на студенти по конкурсот за 2022/23 година предвидени се 3 105 стипендии, од кои се одобрени  2 509, а со вклучени стипендии кои се претходно одобрени, бројот на стипендирани студенти изнесува 6 179 студенти. По оваа основа МОН во текот на 2022 година има исплатен износ во висина од околу 3,8 милиони евра“,

наведува ДЗР.

Ревизорите евидентирале намалување на бројот на одобрени стипендии во периодот 2019-2022 година, но и зголемување на број на апликации, како и бројот на одбиени студенти, кој за 2022/23 година достигнал до 2 942.

Утврдиле и дека за студирање на еден од првите 100 универзитети во светот во 2022 година за 111 студенти исплатени се средства во износ од околу 3 милиони евра кои имаат учество од 44,4  во вкупните средства за стипендии. Притоа, максималниот износ што МОН го исплаќа за еден студент износува до 40 000 долари и за престој месечно од околу 45 илјади денари за вкупно 10 месеци во текот на годината. Голем дел од стипендираните студенти не ги почитуваат договорните услови и не се враќаат во земјата по завршувањето на студиите поради што средствата не се ефикасно искористени.

- Реклама -