Две експлозии ги потресоа јужните предградија на либанската престолнина Бејрут, одземајќи им го животот на најмалку 41 лице и предизвикувајќи повреди со различен степен на над 200 други.
Бројот на загинатите и повредените сепак може да продолжи да се зголемува, бидејќи бомбите биле активирани во момент во кој улиците биле преполни од семејства кои се прибирале дома по крајот на работниот ден.
Експлозиите избувнале со интервал од седум минути, со тоа што втората се случила во момент во кој граѓаните почнале да им даваат помош на настраданите од првата.
Тие го погодија јужниот дел на Бејрут, кој се смета за бастион на либанското шиитско движење “Хезболах”.
Малку подоцна сепак радикалната група “Исламска држава” ја презеде одговорноста за двојниот напад во Бејрут. Ова стана јасно од изјавата на терористите, објавена на социјалната мрежа “Твитер”, во која се вели дека двајца членови на “Исламска држава” извршиле самоубиствени напади.
Во меѓувреме либанските служби соопштија дека трагаат по терористите кои успеале да избегаат од регионот. Според информациите распространети во локалните медиуми, на местото на несреќата бил најдено телото на трет бомбаш чии што експлозиви не се активирале.