Овоштарот Кен Мориш бил запрепастен кога на едно од неговите дрва забележал златен делишес поделен еднакво на зелена и црвена половина. Причината за ваквата боја најверојатно е генетска мутација, за која веројатноста е помала од еден во милион.
Јаболкото привлекло толку внимание во селото Колатон Ралеј, во Девон, југозападна Англија, што соседите чекаат ред само за да го фотографираат. Седумдесет и двегодишниот господин Мориш, кој одгледува јаболка веќе 45 години изјавил: „Ова е навистина неверојатно. Изгледа како едно црвено и едно зелено јаболко да биле пресечени на пола па составени.“
Господинот Мориш, пензиониран молер и декоратор, додал: „Не можев да им поверувам на сопствените очи. Црвената и зелената боја се совршено поделени, како да сум ги обоил. Ова дефинитивно е уникатно јаболко, никој од нас нема видено вакво јаболко досега.“ Експертите велат дека веројатноста за наоѓање на јаболко со толку совршена поделба меѓу боите е помала од едно во милион.
Кај ваквите јаболка, црвената страна обично е послатка од зелената бидејќи била изложена на повеќе сончева светлина додека јаболкото созревало. Џон Брич, претседател на Независната Асоцијација на Овоштари од Британија, за Daily Mail изјавил: „Никогаш не сум видел вакво нешто кај златен делишес. Ова е неверојатно ретко, екстремна мутација. Имало неколку пријавени случаи за ваков тип на јаболко. Ако некаде биде најдена цела гранка со вакви јаболка, тогаш експертите за овошје ќе бидат уште повозбудени.“
Џим Арбјури, надгледник на овошје во градината Висли на Кралското Хортикултурно Друштво во Сари, вели дека најверојатно се работи за случајна генетска мутација. „Појавата е позната како Химера, каде што една од првите две клетки се развила поразлично, па едната половина од јаболкото е различна. Мали се шансите ова да биде стабилна мутација, но би требало да се провери и следната година за да видиме дали ќе се повтори. Постојат случаи на јаболка и круши со ваква боја каде мутацијата останува стабилна, од кои и една двобојна круша во колекцијата на Висли“ додал тој.