Две опции: Спас за Африка, или 100 милиони очајни „гости“ дојдени за да останат

Германскиот сојузен министер за економска соработка и развој Герд Милер, предупреди на опасностите што му се закануваат на светот ако човештвото не успее да го запре глобалното затоплување и климатските промени на под 2 степени Целзиусови. Не само на светот, туку и последиците што ќе ги почуствуваме на своја кожа.

Во таков случај – на неуспешно справување со промените во климата, но и со сиромаштијата, смета тој, нé очекуваат околу 100 милиони гости од Африка, но дојдени за да останат. Тоа го сумираше со изјавата дека „во Африка најмногу се одлучува за иднината на светот“.

Населението на „Црниот континент“ се расте со темпо од еден милион луѓе неделно, потсетува Милер, а на тие луѓе треба под итно да им се обезбеди економска перспектива во нивните татковини. „Ако продолжиме да се однесуваме како до сега, луѓето во многу делови на Африка ќе немаат баш никакви шанси да преживеат, освен да се упатат на север“.

Милер се залага за „Маршалов план“ за Африка – голема инвестициска програма, како онаа со која веднаш по Втората светска војна сосема разорената Европа беше спасена од трајно потонување во економска беда и политичка нестабилност.

Во тој план, вели Милер, и мултинационалните компании ќе мораат да прејдат на чесен, етичен начин на работење. На пример, „кога овде се купува Apple смартфон за 800 евра, мора да се докаже дека за вадење на колтанот потребен за тој мобилен во рудниците во Конго се исплатени примерни плати, и дека се почитувани еколошките стандарди“, наведува тој.

Дека Милер знае што зборува говори и фактот што ситуацијата во Африка за прв пат во историјата ќе биде главна тема на самитот на Г-20 кој ќе се одржи на 7 и 8 јули во Хамбург. Неодамна, исто така, на состанокот на претставниците на африканските влади, германската влада одобри 300 милиони евра помош со кои ќе им помогне во спроведување на реформи за привлекување на приватни инвестиции во земјата. Берлин сега настојува на таков пристап да ги убеди и останатите членки на Г-20, со крајна цел да му помогне на континентот уништен од војни, бегалски кампови и сиромаштија. Како што кажа Ангела Меркел, поддршка за борбата против сиромаштијата во Африка и климатските промени, добила и лично од Папата при неодамнешната приватна посета на Ватикан.

 

 

- Реклама -