И додека Велика Британија, според бриганските медиуми, се соочува со сериозен недостаток од лична заштитна опрема (PPE) за здравствените работници, помош стигнува и од најнеочекуваните извори. Две дeцa од Ханој, главниот град на Виетнам, финансираа донација од 20.000 заштитни маски кои беа испратени во Британија.
Маските беа успешно испратени преку британската амбасада во Ханој минатата недела, на комерцијален лет заедно со 100 британски државјани кои беа вратени во земјата.
Британскиот амбасадор во Виетнам, Герет Вард, објави фотографија од двете дeцa, Truong Thi Linh Nhan и Truong Cao Khoi, во близина на Лондонскиот мост (Тауер Бриџ), но и писмо во кое им се заблагодарува за помошта и за тоа што направиле „да гледа со надеж кон иднината“.
„Среќен сум што вие, кои сте толку млади, се грижите за светот и придонесувате во борбата против вирусот. Верувам дека вашиот подарок многу ќе им значи на докторите, сестрите и здравствените работници во Велика Британија, кои работат нон-стоп во борба против вирусот и за да спасуваат човечки животи“, напиша амбасадорот.
Two kids in Hanoi recently gifted 20K medical masks to 🇬🇧, using the “lucky money” that they’ve saved up for a few years. These masks have been sent to 🇬🇧 successfully on our special commercial flight last week. Many thanks Nhan & Khoi! You can read Amb. @GarethWardUK‘s letter 👇 pic.twitter.com/02s3VIZ4lv
— UK in Vietnam🇬🇧🇻🇳 (@UKinVietnam) April 24, 2020
Од Амбасадата велат дека малите Нхан и Кои, за финансирање на донацијата, ги искористиле нивните „среќни пари“, кои ги штеделе неколку години. „Среќни пари“ е виетнамска традиција во која за лунарната нова година на дeцaта им се даваат пари во црвено плико, за да им донесат здравје, мир и среќа. Дeцaта, загрижени од состојбата во Велика Британија, решиле парите да ги потрошат за маски за здравствените работници во земјата.
Многу од Британците, иако воодушевени и крајно благодарни за неверојатниот гест на малите Нхан и Кои, коментираат дека оваа нивна донација само покажува колку е лоша состојбата во нивната земја, која, иронично, ја има шестата најразвиена економија во светот. Тие бараат британската влада да се погрижи двете дeцa од Виетнам да бидат срдечно наградени „со камата“ – можеби со уште повеќе „среќни пари“, но и Британија, за возврат, да донира респиратори или финансиска помош за Виетнам.