Две автобуски компании казнети поради неправилности со тахографите

Случаите биле откриени при контрола на автобусите на автопатот Куманово – Скопје и на наплатната рампа „Романовце“, а било откриено дека возачките картички вметнати во тахографите не биле во сопственост на возачите кои ги управувале автобусите

Илустративна фотографија / ФОТО: МИА

Двајца возачи на автобуси со кочански и гостиварски регистарски таблички биле откриени дека управувале со возилата во кои во тахографите не биле вметнати нивните картички, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Случаите биле откриени при контрола на автобусите на автопатот Куманово – Скопје и на наплатната рампа „Романовце“.

„Денеска (31.08.2024) на автопатот Куманово – Скопје и на наплатната рампа Романовце, кумановско, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции запреле и извршиле контрола на два автобуси со кочански и гостиварски регистарски ознаки, сопственост на превозни претпријатија, а управувани од И.А.(39) и С.А.(36). При контролата било утврдено дека возачките картички вметнати во тахографите не биле во сопственост на возачите кои ги управувале автобусите“,

се вели во полициското соопштение.

Од МВР велат дека бил известен Државниот инспекторат за транспорт и врски од каде биле изречени глоби за возачите, фирмите и нивните управители.

Глобите, се додава во соопштението, се во висина од по 7 500 евра.

- Реклама -