Двајт Хауард во следните десетина дена би требало да стави крај на сагата околу своето заминување од Орландо Меџик и да се пресели во редовите на Лос Анџелес Лејкерс.
Доминантниот центар речиси две години инсистира на промена на клупските бои, но „Магичните“ досега успеваа да го смират и да го натераат да остане. Сепак, и на раководството на Орландо веќе му стана јасно дека овој кошаркар не ја гледа својата иднина на Флорида, па во изминатиот период се водеа интензивни преговори за трансферот на една од најголемите суперѕвезди во НБА лигата.
По прекинот на преговорите со Бруклин Нетс, вниманието на „Магичните“ целосно беше фокусирано кон ЛА Лејкерс, а последните информации говорат дека разговорите се на добар пат да вродат и со целосен договор меѓу двете страни.
Имено, Лејкерси се согласиле да го испратат Ендрју Бајнам во Орландо, како и уште неколку кошаркари, за да стигнат до Хауард, па сега останува само уште суперѕвездата да се согласи на потпишување на долгорочен договор со Лејкерс, за трансферот да биде целосно комплетиран.
Со оглед на фактот дека нема понуди од некои поамбициозни тимови, а во таборот на Лејкерс ќе има можност да се бори за титулата заедно со Брајант, Неш и Гасол, за очекување е „Супермен“ да се согласи на долгорочна верност кон тимот од Лос Анџелес, со што и дефинитивно би бил ставен крај на сагата околу неговото незадоволство во Орландо.