Дурмиши: Доколку не ги донесевме мерките, цените на храната ќе пораснеа

Доколку не ја донесевме Есенската кошничка и акцијата „Помалку трошоци – повеќe за вас“ цените на храната дополнително ќе се зголемеа, а со тоа и инфлацијата, истакна денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

– Овие одлуки ги донесовме за заштита на стандардот на граѓаните бидејќи во минатите месеци Државниот завод за статистика излегуваше со информации дека има раст на цените на основните прехранбени производи. Затоа направивме акциски план со кој ја донесовме есенска потрошувачка кошничка за да им излеземе во пресрет на граѓаните. Да не ги донесевме одлуките, цените на основните прехранбени производи ќе имаа уште поголем раст и инфлацијата ќе беше поголема од 2,6 отсто колку што е сега, рече Дурмиши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција по повод 100 дена Влада.

Потсети дека во сила e и Законот за нефер трговски практики и истакна дека производите ќе се продаваат по старите цени додека не се потрошат залихите во маркетите.

– Кога ќе се усогласат цените со добавувачите, ќе има и дополнително намалување на цените. Тоа ќе се случи на крајот на овој или на почетокот на идниот месец. Во овие три месеци тече преодниот рок за усогласување на цените во кои Комисијата за заштита на конкурентност ќе биде на терен и ќе ги опоменува тие што не го почитуваат Законот и ќе им дели совети да го почитуваат. Потоа кон крајот на годинава или на почетокот на идната ќе почне со казнување и ќе постапуваат според надлежностите кои ги имаат согласно Законот, прецизира Дурмиши.

Прочитајте и:  Дурмиши: Првичните анализи кажуваат дека цените од есенската кошничка се намалиле во просек од 5 до 10 проценти

Нагласи дека тече процедурата во Собранието за реорганизација на Комисијата за заштита на конкурентност со која, како што кажа, ќе се подобри нејзината функционалност.

– И да е во целосна функционалност Законот за нефер трговски практики не знаеме дали фирмите ќе го почитуваат. Затоа мора да се направи реорганизацијата на Комисијата за заштита на конкурентност која е во собраниска процедура. Сега Комисијата не е функционална и затоа треба да помине собраниската процедура, да им дадеме дополнителни ингеренции и да се реорганизира за да биде функционална, посочи Дурмиши.

Рече дека Министерството за економија и труд нема информации за изигрувањата што ги прават трговците во имплементацијата на Законот за нефер трговски практики.

– Кога ќе излезе на терен Комисијата за заштита на конкурентност, ако забележи дека има неправилности од компаниите, нормално е дека ќе се постапува според Законот и ќе пишува казни, истакна Дурмиши.

- Реклама -