Дуковски: Бојан Јовановски како да е вонземјанин, безобразно е што одеднаш никој не го познава

„Меѓународен сојуз“ на Боки 13 не е бенд од еден човек, туку таму има и многу други лица, кои исто така даваа и исказ за „Рекет“, вели Сашо Дуковски, адвокатот кој го застапува првоосомничениот Бојан Јовановски, во интервју во емисијата „Код“ на ТВ „Телма“ емитувана викендов.

„Не може да одговара Меѓународниот Сојуз, туку лицата, меѓу кои е Бојан Јовановски, но и најмалку уште десетина други особи за кои што не видов дека се води истрага за нив и нешто не видов дека некој ги повикува за некаква си одговорност“, вели Дуковски.

Тој истакнува и дека се презентира слика, или барем има обиди, дека Боки 13 е како некој вонземјанин кој сѐ направил сам и сега никој не го познава, со цел целата вина да му се препише исклучиво нему.

 

„Има сега една интересна ситуација, како никој сега да не се сретнал и никој не се познава со Бојан Јовановски. Изгледа дека тој е некој вонземјанин кој дошол од вселената и одеднаш формира тоа што го формира. Формира Телевизија пошто е вака способен, формира невладина организација, сето тоа функционира, пари фрчат од сите страни и сето тоа сам го прави и никој нема во негова помош, никој не учествува во тоа. Така барем сака да се презентира. И сега никој него не го познава“, вели Дуковски.

„Јас не познавам човек што така самостојно може да функционира, особено за вакви кривични дела. Со тоа не сакам да кажам дека некој друг е крив, но мислам дека е прилично безобразно да сега сите се ишкаат, самото познанство со Бојан Јовановски да го негираат. Тоа е едно бpyтално балканско однесување на лица кои исплашени за својата иднина – за да не бидат дел од некаква си постапка, одбиваат дека имале било каков контакт со Бојан Јовановски. Не именувам, но тоа е ноторна лага и бpyтална глупост“, додава тој.

„Имаме работа со прилично моќни луѓе и со луѓе од светот на политиката и високиот бизнис во Република Македонија, коишто се научени да пливаат многу лесно и многу успешно во целиот овој транзициски период и политички период, од осамостојувањето на Р. Македонија до денес. Очекувам и скоро сум сигурен дека ќе се обидат сите да ја стават евентуалната вина, која јас и мојот клиент во ниеден момент не ја признаваме, врз Бојан Јовановски, сѐ со цел да се тргне било каква одговорност од нив. На тоа ми укажуваат и исказите на веќе сослушаните сведоци“, вели адвокатот.

 

- Реклама -