ДУИ: Заканите упатени кон наши пратеници се напад врз демократијата и институциите

Целта е да се прикријат големите неуспеси и грешки на новата влада во првите месеци од нивниот мандат. Со измислени обвинувања и насилни акции, тие се обидуваат да го одвлечат вниманието на јавноста од реалните проблеми и катастрофалните резултати на владејачките политики – се вели во реакцијата на опозициската ДУИ

Сериозните закани и насилни пораки упатени кон пратениците на ДУИ се директен напад врз демократските вредности и институции на нашата држава. Овие инциденти го покажуваат високото ниво на нетолеранција и омраза што се шири низ нашето општество, реагираат од ДУИ откако неколкумина пратеници на службените мејл-адреси, на 23 јули добиле порака со заканувачка содржина, за што информираа и од МВР.

„Сведоци сме  на организирана и смислена кампања за клевети и закани против ДУИ, чија цел е да ги прикрие големите неуспеси и грешки на новата влада во првите месеци од нивниот мандат. Со измислени обвинувања и насилни акции, тие се обидуваат да го одвлечат вниманието на јавноста од реалните проблеми и катастрофалните резултати на владејачките политики“,

се вели во реакцијата на опозициската партија.

Од ДУИ потенцираат дека тие цврсто стојат зад своите принципи и нема да дозволат заканите да ја поколебаат нивната посветеност на правдата, мирот и стабилноста.

„Ги повикуваме надлежните институции да ги истражат овие инциденти и да ги изведат пред лицето на правдата сите кои се одговорни за оваа кампања на терор и заплашување. Демократијата мора да победи над омразата и насилството“,

се вели во реакцијата.

Од МВР соопштија дека за настанот веќе е известена Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, како и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Според информации на „360 степени“, заканувачките пораки биле испратени до пратеници на Демократската унија за интеграција (ДУИ), дента кога во Собранието на дневен ред беше предлогот за именување на заменик-министри во Владата.

Координаторот на пратеничката група на „Европски фронт”, Блерим Беџети, за „360 степени“ го потврди случајот, но не сакаше да открие повеќе детали за содржината на заканувачките пораки.

Загрижен и претседателот на Собранието Африм Гаши

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, потврди дека пратеници на ДУИ добиле електронски пораки со закани од непознат испраќач и ги повика надлежните институции да го истражат инцидентот. 

Во соопштение за јавноста, собранискиот Претседател најостро ги осуди заканите и обидите за насилство или поттикнување насилство.

„Пратениците се директно избирани од граѓаните и додека слободата на говор е неприкосновена, таа не смее да ја загрозува слободата на другите. Анонимноста во испраќањето такви пораки или на социјалните мрежи може да му даде на испраќачот чувство на неказнивост, но мора да признаеме дека нашите институции се активни и способни“,

се вели во реакцијата на Гаши.

Тој е уверен дека испраќачот ќе биде идентификуван и соодветно санкциониран. Гаши сочувствува и ја споделува вознемиреноста на пратениците и нивните семејства.

- Реклама -