ДУИ и АА реагираат на најавата за укинување на балансерот: Се напаѓа еден од главните столбови на Охридскиот договор

Во одвоените партиски реакции главно се вели дека со најавите за менување на бројките во балансерот ќе се игнорираат податоците од последниот попис според кој Албанците сочинуваат речиси 30 отсто од населението, а наместо тоа, сега тој процент ќе биде под 25, како на пописот пред 20 години

На најавата за укинување на алатката „балансер“, која денеска ја објави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, денеска реагираа опозициските Демократска унија за интеграција (ДУИ) и крилото на Зијадин Села од Алијанса за Албанците (АА). Во одвоените партиски реакции главно се вели дека со најавите за менување на бројките во балансерот ќе се игнорираат податоците од последниот попис според кој Албанците сочинуваат речиси 30 отсто од населението, а наместо тоа, сега тој процент ќе биде под 25, како на пописот пред 20 години.

Партиското седиште на Демократската унија за интеграција (ДУИ) / Фото: „360 степени“

Ваквата одлука, а особено најавата за законски измени за целосно укинување на балансерот, како што оценуваат од ДУИ и АА, е напад на еден од главните столбови на Охридскиот договор.

„Во меѓувреме, губитниците на изборите и партнери на Стоиљковиќ, заробени и немоќни, немо набљудуваат, но и активно придонесуваат за секојдневно деградирање на положбата на Албанците. Тоа е јасна последица на тоа што не се избрани претставници на албанската заедница, туку претпочитан партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ставајќи ги позициите во преден план, иако добија само трошки од институциите одземени од нивните надлежности“,

велат од ДУИ и додаваат оти нема да дозволат каков било обид за поткопување на достигнувањата на Охридскиот договор.

Оти владините партнери од коалицијата „Вреди“ молчат пред најавите за укинување на балансерот оценија и од Алијанса за Албанците. По две децении од потпишувањето на Охридскиот договор, додаваат од Алијанса, започнува најтешката дискриминација и мајоризација.

„Ја повикуваме нелегитимната власт итно да ги прекине овие игри кои ѝ штетат на меѓуетничката кохезија, на правата на етничките заедници и можат да донесат сериозни последици за иднината. Премиерот Христијан Мицкоски, кој прв најави укинување на балансерот, да не мисли дека сите Албанци се како неговите сервили, кои тој самиот ги избра за послушен партнер во неговите застрашувачки проекти“,

се вели во реакцијата на Алијанса за Албанците.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска рече дека како што ветиле и во предизборитето, Владата го започнува процесот на укинување на алатката балансер, кој ќе се одвива во фази.

- Реклама -