ДС: Владата да овозможи слободно патување во Грција, тези како на Бектеши се својствени само за Северна Кореја

Демократскиот сојуз најостро ја осудува изјавата на министерот за економија – Крешник Бектеши, според кого, нема да се разговара со Грција за граѓаните да можат да патуваат во таа земја, со цел да останат дома и да одмараат во нашите одмаралишта.

„Таквите тези се својствени само за Северна Кореја. Обврска на министрите е да бараат решенија за слободно движење на граѓаните, капиталот и идеите, а не да нѐ затвораат во рамките на Македонија. Граѓаните очекуваат проактивна дипломатија и членовите на Владата да ги ‘рушат’ бариерите, а не да создаваат нови.

Сите ние долго време сме затворени во своите домови и дополнителни блокади не ни се потребни“, порачуваат од партијата на Павле Трајанов.

„Ние директно не преговараме со грчката влада, имајќи во предвид дека интерес на секоја држава е да поттикне што повеќе туристи внатре во Северна Македонија, како што е и целта на Министерството за економија и затоа ќе продолжиме да спроведуваме мерки за поттикнување на странските туристи, но истовремено да ги поттикнеме и нашите домашни туристи да ги посетат нашите туристички дестинации. Како што веќе кажа и министерот за здравство, секако дека ќе разговараме да ги прифатат и нашите пасоши, ако треба такви пасоши да бидат доставени до грчката страна“, изјави денеска Бектеши, во контекст на вакцинациските пасоши и билатералните преговори, по теркот на Србија, во пресрет на летната сезона во Грција.

На изјавата на Бектеши, покрај граѓаните на социјалните мрежи, реагира и туристичкиот сектор. Тие му порачаа на министерот да се позанимава, на пример, со ваучерите за туризам. Како што посочуваат, најголемиот дел од тие ваучери се искористени за нереализирани аранжмани за минатото лето во Грција, со што парите на агенциите и граѓаните веќе се во нашиот јужен сосед.

„Токму поради тоа, државните институции, а посебно Министерство за економија, треба да помогне за истите да се реализираат, а не категорично да одбиваат преговори и соработка со Грција за решавање на ова витално прашање за опстанок на туристичките агенции. Министерство за економија располага со информацијата која е вкупната сума која е потребна да се обештетат граѓаните за нереализираните патувања за Грција, па доколку не се во можност да ги реализираат истите ова лето, агенциите очекуваат Министерството за економија да го реши обој проблем“, порачуваат туристичките агенции, за „Фактор“.

Притоа, од туристичкиот сектор посочуваат и дека нашите туристички капацитети не се толку големи, но бараат и да се работи на привлекување на странски туристи, за да се компензира бројот на нашите граѓани кои ќе летуваат во странство.

Загрижувачка е и ситуацијата со немање на вакцинација во државата, додаваат од таму, што ќе се одрази, пред сѐ на здравјето на граѓаните, но и на економијата, особено во туризмот.

Граѓаните, пак, реагираат дека со ваквата „стратегија“ на Владата, можноста за летен одмор на море ќе им биде ускратена токму граѓаните кои не можат да си дозволат подалечни патувања, додека оние со подлабок џеб без проблем ќе летуваат во Мексико, Дубаи, Сејшели и други дестинации. Но, за волја на вистината, неодамна, поранешниот генерален секретар на Владата укажа дека во Мексико никогаш не било поевтино.

- Реклама -