Тековното реистражување на египетски дрвен палец фрла ново светло на тоа како била направена оваа извонредна дрвена протеза, како и на тоа дали имала само естетска, или и функционална улога (палецот е најважниот прст за баланс, нели).
Артефактот ќе го најдете како Greville Chester Great Toe, и е една од најстарите протетски направи која им е позната на научниците. Датира од железното доба (со почеток од некаде од 1200 па до 600 година пред нашата ера), а најден е пред 17 години во гроб издлабен во постара погребна комора позната како Sheikh ´Abd el-Qurna – која е всушност акропол западно од Луксор, Египет.
Како што рековме, во тек е ново истражување околу артефактот, но и самиот археолошки локалитет, предводено од научниците од универзитетите во Базел и Цирих, кои овој пат користат најнови техники. И откриваат нови извонредни детали.
Според ова ново истражување, кое во моментов на пишување е сé уште необјавено, вештачкиот палец ѝ припаѓал на ќерка на свештеник. Со оглед на квалитетот и сложената „изведба“, веројатно се работи за свештеник со висок социјален статус. Користејќи модерна микроскопија, рентген технологија и компјутерска томографија, истражувачите успејаа да откријат дека во неколку наврати протезата била модификувана за да одговара на точната форма на стапалото на жената која ја носела.
Тоа, како и конкретните материјали и методи на изработка, сугерираат дека кој и да го изработил палецот мора да имал многу добро познавање од човечката физиологија.
„Техничкото познавање се гледа особено добро од мобилноста на протетската екстензија и цврстата структура на каишот“, рекоа истражувачите во пресот за медиумите. Изработката исто така сугерира и дека изработувачот се стремел кон природен изглед, внимавал на естетиката, ама и на комфортот при носењето, и многу е веројатно да имал помош од квалификувани експерти за секој од овие аспекти.