„Друштво Преспа“: Во Албанија нема етнички Бугари, направен е груб пописен фалсификат

„Бараме Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се ‘Бугари по потекло‘, велат од организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија

Ги отфрламе прелиминарните пописни резултати во Албанија од минатогодишниот попис одржан од 18 септември до 30 октомври, па продолжен од 16 ноември, во делот на бројот на Македонците и Бугарите и ги сметаме за груб пописен фалсификат.

Ова е реакцијата на „Друштво Преспа“, организација за заштита на правата на Македонците во Албанија, од каде велат дека нивните ставови ги темелат на основа на тоа што се најстара македонска организација во Албанија формирана уште во 1991 година.

„Изразуваме загриженост на објавата на Институтот за статистика на Албанија дека во Албанија живеат 2 281 ‘Северномакедонци‘, иако пописот во 2011 година биле регистрирани (ниту тогаш прифатливи) 5 512 Македонци. Потсетуваме дека не станува збор за доселеници во Албанија од државата ‘Северна Македонија‘, која во спротивност со меѓународното право под тоа име постои од 11 јануари 2019 година според договорот меѓу Димитров-Коѕиас од јуни 2018 година, туку за домородно население кое со векови живее во свои домови и на своја автохтона територија“

се вели во реакцијата на „Друштво Преспа“.

Според организацијата, објавената број од 7 957 Бугари во Албанија ја сметаат за груб пописен фалсификат, оти, како што наведуваат во Албанија немало етнички Бугари ниту во еден попис од 1912 до 2023 година,

„Друштво Преспа“ упатува протест до претседателот, Собранието и Владата на Албанија, зашто според нив, подлегнале на бугарски закани за пристапување на Албанија во Европската Унија, доколку, како што велат, Тирана не впише „Бугари“ во Законот за национални малцинства, како и, додават, доколку не декларира Бугари на последниот попис на населението.

Упатуваат и остри критики и до опптинската управа на Пустец, за чиј градоначалник, сметаат дека во последниот мандат бил свртен кон бугарска пропаганда и добивал, како што велат материјална помош за општината од бугарски претставници.

За несоодветна ја сметаат и рекацијата на единствената македонска партија во Албанија-Македонска алијанса за европска интеграција.

„Бараме Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се ‘Бугари по потекло‘,

велат од друштвото.

Најавуват дека ќе организираат неформален попис на Македонците во Албанија, како што велат, тоа од поодамна го сторила Грчката заедница во Албанија.

„Бараме македонската Влада да протестира поради фалсификуваниот попис во Албанија, отфрлен дури и од албанската опозиција и да превземе конкретни мерки според уставната грижа за Македонците во соседните држави на државата Македонија! ‘Друштво Преспа‘ бара одговорност од Владата на Албанија, затоа што овозможи бугарската амбасада во Тирана и бугарската влада во Софија грубо да се мешаат во внатрешните работи на Албанија за време на одржувањето на пописот со поткуп и делење бугарски пасоши во населените места каде живеат Македонци во Албанија“,

велат оттаму.

На презентирањето на пописните резултати од ИНСТАТ, претставникот на македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу и членот на Комитетот за малцинства, Марјана Косотофски, вчера демонстративно ја напуштиле салата откако не им бил даден одговор на прашањето зошто на прегледот за бројот на малцинствата за сите стои она што се, само за македонското стоело име на државата Северна Македонија на албански јазик и Северно Македонци на англиски јазик.

Во Албанија живеат повеќе Бугари од Македонци, покажаа податоците од спроведениот попис кои ги објави албанскиот институтот за статистика ИНСТА. Имено, според пописот, во Албанија живеат живеат 2 281 Македонец, а како Бугари се изјасниле 7 957 лица. Гледано одделно, од вкупната бројка Македонци 1 136 се од машки, додека 1 145 од женски пол.

Првпат се случува на попис во Албанија да се попишат лица од бугарска националност. Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин.

Македонските медиуми во 2022 година беа полни со написи дека Бугарија создава свое малцинство во Албанија. Во репортажата што ја сними „360 степени“ во септември 2022 година жителите сведочеа дека вадат бугарски пасоши за подобра егзистенција, што е пракса и во Македонија. „Од зорт и мака ќе се правиме Бугари, ама ние сме Егејци Македонци“, рече тогаш една наша соговорничка. Најдовме и такви кои се изјаснуваа за етнички Бугари.

- Реклама -